Дрвошанов: Нови енергетски проекти, решение за професионалните војници и модернизација на здравството

Дрвошанов: Нови енергетски проекти, решение за професионалните војници и модернизација на здравството

пред 4 часа

Жан Дрвошанов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, постави три пратенички прашања од областа на енергетиката, здравството и одбраната.

„Особено значајно е тоа што по цели 13 години повторно е ставен во функција продуктоводот Солун-Скопје, инфраструктурен проект од исклучително значење за сигурно и континуирано снабдување со нафтени деривати и за зајакнување на енергетската безбедност на државата, во овој период се реализираат два значајни инфраструктурни проекти во енергетскиот сектор, тоа се изградбата на гасоводните интерконектори со Република Грција и Република Србија. Со оглед на значењето на овие капитални инвестиции, би сакал да ве прашам кои се конкретните придобивки што Република Македонија и македонските граѓани ќе ги имаат од изградбата на овие два гасоводни интерконектори? На кој начин нивното ставање во функција ќе придонесе за поголема енергетска сигурност, намалување на зависноста од еден правец на снабдување и создавање услови за поконкурентни цени на природниот гас и секако какви можности се отвораат за македонската индустрија, стопанството и домаќинствата?“, рече Дрвошанов.

Второто прашање Дрвошанов го упати до министерот за одбрана, а се однесува на владината одлука за решавање на долгогодишниот проблем со професионалните војници кои навршуваат 45 години, при што побара појаснување за конкретните мерки, роковите за спроведување и придобивките што ќе ги донесе за оваа категорија припадници на Армијата.

„На една седница на Влада беше донесена одлука со која ќе се реши овој децениски проблем со кој се соочуваат професионалните војници, затоа моето прашање е што конкретно предвидува донесената владина одлука за професионалните војници кои навршиле 45 години и кои се придобивките од неа? Ве молам дадете подетални објаснувања за содржината на одлуката, роковите за нејзиното спроведување и секако очекуваните ефекти врз професионалните војници“, посочи Дрвошанов.

Третото прашање беше упатено до министерот за здравство, а се однесуваше на обновувањето на опремата и материјално-техничките капацитети во здравството, при што побара информации за досегашните реализирани набавки, инвестициите во современа опрема и планираните вложувања во наредниот период.

„Инвестициите во здравството имаат директно влијание врз квалитетот на животот на граѓаните, особено е важно институциите да располагаат со современа опрема, соодветни материјално-технички средства за навремено и ефикасно извршување на своите задачи. Минатата недела имавме промоција на 100 нови амбулантни возила, настан кој го отвори прашањето за обновувањето на возниот парк и подобрувањето на условите за работа на здравствените служби. Моето прашање е какви конкретни резултати постигна министерството во обновувањето на опремата и материјално-техничките капацитети во здравството? Ве замолувам да не информирате за досегашните реализирани набавки и планираните инвестиции во наредниот период за да граѓаните имаат јасна слика како се вложуваат јавните средства во подобрување на животот на граѓаните во Република Македонија“, рече Дрвошанов.

Текстот Дрвошанов: Нови енергетски проекти, решение за професионалните војници и модернизација на здравството е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top