Демократската унија за интеграција бара институционална одговорност за Биљал Касами, кој, како што велат од оваа партија, при одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија во Тетово избрал да го постави знамето на Вергина, додека албанското национално знаме било изоставено.
Ова, забележуваат од ДУИ, не е прашање на протокол, туку јасен показател за односот на власта кон албанскиот национален симбол.
„ВЛЕН во својата изборна програма вети дека албанското знаме, химна и национален грб ќе се користат рамноправно со македонските симболи. Но, штом станаа дел од Владата без легитимитет од албанските гласови, ветувањата беа заборавени. Најпрво, Максим Димитриевски ја забрани употребата на албанското национално знаме во нивната канцеларија; потоа видовме министри кои го избегнуваа на официјалните слики, додека за време на локалната изборна кампања албанското знаме недостасуваше токму таму каде што требаше да биде највидливо. Сега, на државен празник, кога неговата употреба е предвидена со закон, албанското знаме повторно е изоставено“.
Врвот на ова лицемерие, додаваат од ДУИ, е што, додека албанското национално знаме се изоставува, во центарот на Тетово се поставува знамето на Вергина, симбол кој, нагласуваат од партијата, не е официјален државен симбол и е во спротивност со Преспанскиот договор.
„Значи, за оние кои ветуваа рамноправност на националните симболи, албанското знаме нема место, додека еден неинституционализиран симбол има место на државна церемонија. Ова зборува повеќе од која било изјава за нивната денешна политика.
ДУИ бара надлежните органи да ја проверат законската основа на овој чин и одговорноста на лицата кои наредиле, одобриле или го реализирале поставувањето на знамето на Вергина, како и да објаснат зошто е изоставено албанското знаме“.
Законите, додаваат од ДУИ, не можат да се применуваат селективно, а ветувањата за рамноправност не можат да се користат само за добивање на гласовите на Албанците.
„Касами може да прави политички компромиси за да ја задржи функцијата уште еден ден, но не може да го продава достоинството и националниот симбол на Албанците. 35-годишнината од независноста треба да биде ден на почитување на државата, законот и рамноправноста, а не ден на понижување и негирање на албанскиот симбол“.
Текстот ДУИ: Касами го заборава албанското знаме, наместо него, во центарот на Тетово знамето на Вергина е превземен од МАКФАКС.






