Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвинува дека тврдењата оти немало интерес кај Албанците за упис во средното полициско училиште не соодветствуваат со податоците и листите на кандидати.
Од партијата велат дека 105 албански кандидати аплицирале и ги исполнувале условите за прием, но сепак не биле примени.
ДУИ реагира на изјавите на заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, кој, според партијата, ја бранел одлуката за прием на 310 кандидати, меѓу кои Албанците биле застапени во минимален број.
„Податоците и листите на кандидатите јавно ја демаскираат лагата на Астрит Исени и Влен дека Албанците немале интерес или не конкурирале за прием“, наведуваат од ДУИ.
Од партијата прашуваат зошто 105 албански кандидати кои ги исполнувале условите не биле примени, како и зошто од вкупно 310 примени кандидати Албанците се застапени во толку мал број.
ДУИ го обвинува Исени дека наместо да бара одговорност за, како што велат, нарушената правична застапеност, ја брани одлуката на власта и ја доведува јавноста во заблуда.
„Албанците не се исклучуваат затоа што не конкурираат; Албанците се исклучуваат, а потоа нивното исклучување се брани со лаги“, стои во соопштението.
Од ДУИ бараат институциите да дадат јасен одговор за критериумите според кои биле избрани кандидатите и за застапеноста на различните етнички заедници.
Текстот ДУИ тврди дека 105 Албанци аплицирале во средното полициско училиште, но не биле примени е превземен од МАКФАКС.






