Канцеларијата на делегацијата на Европскиот Парламент во мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ го осудуваат предизборниот спот на европратеникот Ангел Џамбаски.
Во соопштението, што е испратено од страна на претседавачот на Комитетот, Андреас Шидер и замениците-претседавачи Ирена Јовева и Марион Валсман тие се против основачките принципи на ЕУ и Договорот за добрососедство меѓу двете земји.
„Длабоко жалиме што видеото отворено не ги почитува напредокот и напорите направени од Северна Македонија на патот кон ЕУ, нешто што е признаено од Европскиот Парламент, институциите на ЕУ и од земјите членки. Ја повикуваме бугарската влада, вклучувајќи го и премиерот, да го осудат ова видео објавено од неговиот коалиционен партнер и да се оддалечат себеси најјасно што може од ваквата реторика“, се вели во соопштението.
Во него понатаму се додава дека „Европската Унија има за цел да ги промовира мирот, нејзините демократски вредности и благосостојбата на граѓаните, да ги надмине историските разлики и да работи заедно за заедничка иднина.
„Ние инсистираме дека Бугарија и Северна Македонија треба да ги продолжат своите напори за добрососедски односи и сите активности што го нарушуваат овој дух треба да се избегнуваат и да се сметаат за неприфатливи“, стои во соопштението.
Европскиот парламент повикува и на итно прифаќање на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција без одложување со цел да почнат пристапните преговори за време на португалското претседателство.
Претходно заменик-претседателот на бугарската ВМРО-БНД, Џамбаски во објава и видео-спот на Фејсбук со кадри од Скопје, Охрид и други локации од државава наведе дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сѐ“.