Еден разговор може да промени нечија иднина: Македонија2025 отвора повик за ментори на млади таленти

Еден разговор може да промени нечија иднина: Македонија2025 отвора повик за ментори на млади таленти

пред 36 минути

Колку може да значи еден искрен разговор, вистински совет или поддршка во клучен момент? За млад човек кој допрва го гради својот образовен и професионален пат, понекогаш токму тоа може да биде пресудно за следниот чекор.

Водена од уверувањето дека знаењето и искуството имаат најголема вредност кога се споделуваат, Македонија2025 објавува отворен повик за ментори за академската 2026/2027 година. Преку програмата, младите таленти добиваат можност да се поврзат со професионалци од различни генерации и области, да стекнат практични знаења, да разменуваат идеи и искуства и да добијат насоки и поддршка за својот личен и професионален развој.

Со само пет часа доброволен ангажман во текот на академската година, секој ментор може да придонесе за градење самодоверба, развивање вештини и отворање нoви перспективи за младите

Нови генерации, нови можности

Оваа година, кон Менторската програма се приклучуваат 64 нови стипендисти – 52 студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добитници на стипендиите за студентска извонредност на Фондацијата „Атанас Близнакоф“, и 12 средношколци од програмата „Таленти денес – лидери утре“.

Со нив, заедницата опфаќа над 160 млади таленти од двете стипендиски програми, кои имаат можност да добијат менторска поддршка, да стекнат практични знаења и да се запознаат со различни професионални искуства и кариерни можности.

Менторската програма бележи континуиран развој. Во текот на изминатата академска година, преку платформата MK2025 Mentor беа регистрирани 82 ментори и 163 стипендисти, со 110 закажани менторски средби. Платформата овозможува едноставно поврзување на младите со менторите, како и организација на нивните заеднички активности.

Менторството создава вредност за двете страни – на младите им нуди насоки, охрабрување и поголема самодоверба при носењето важни одлуки, додека на менторите им овозможува да го пренесат своето искуство, да запознаат нови перспективи и да придонесат за развојот на идните генерации.

Преку Менторската програма, Македонија2025 настојува да изгради долгорочна врска меѓу младите таленти и деловната заедница, поттикнувајќи култура на споделување знаење, солидарност и меѓусебна поддршка.

„Во Македонија имаме многу талентирани млади луѓе со големи амбиции, но понекогаш им недостигаат вистински насоки, контакти или охрабрување за да го направат следниот чекор. Од друга страна, имаме искусни професионалци кои поседуваат огромно знаење и искуство што можат да го споделат. Нашата цел е да ги поврземе овие две страни и да создадеме простор за учење, доверба и меѓусебна инспирација. Веруваме дека менторството не е само поддршка за еден млад човек, туку вложување во идните професионалци, претприемачи и лидери кои ќе го движат развојот на Македонија“, истакнуваат од Македонија2025.

Станете дел од заедницата на ментори на Македонија2025

Отворениот повик за нови ментори трае до 31 декември 2026 година.

Македонија2025 ги охрабрува сите заинтересирани професионалци, без разлика на индустријата во која работат, да се вклучат во програмата и да станат дел од заедница која верува во моќта на знаењето, солидарноста и меѓугенерациската соработка.

Затоа што искуството што за некого е секојдневие, за еден млад човек може да биде инспирација што ќе го насочи кон неговата иднина.

Повеќе информации за програмата, условите за учество и начинот на пријавување се достапни на следниот линк: https://macedonia2025.com/en/news/open-call-mentors-2026-2027-support-next-generation-leaders

 

Текстот Еден разговор може да промени нечија иднина: Македонија2025 отвора повик за ментори на млади таленти е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top