Ефтимов: Љупчо Николовски наместо да шета по партиски штабови, да почне да го решава проблемот со корупцијата

пред 3 години

Денес на Комисијата за Политички систем на дневен ред е Националната стратегија за спречување на корупција која претставува стратешки документ за државата, а СДСМ и Љупчо Николовски тоа воопшто не ги интересира, обвини Дајанчо Ефтимов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, во моменти кога Република Македонија според Транспаренси Интернешнл е на 111 место во светот по корупција и криминал, единствениот надлежен и одговорен во Владата за оваа проблематика, вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал Љупчо Николовски, одбива да дојде и овде во Собранието, пред пратениците и македонската јавност да учествува во донесувањето на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси.

„Како одговорни пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од оваа говорница уште еднаш јавно го повикуваме вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот во Македонија да се одважи и да дојде на оваа Комисија, иако пратеничката група на СДСМ силно се противи на тоа и од петни жили се обидува да го заштити својот партиски генерален секретар. Апелираме до вицепремиерот Љупчо Николовски наместо да се занимава со партиски обврски, наместо да шета низ партиските штабови на СДСМ и да доделува членски книшки, конечно да почне да се занимава со решавање на овој горлив проблем за што впрочем е и дебело платен со пари на граѓаните“, рече Ефтимов.

Пратеникот вели дека 111-тото место во светот на Македонија на листата на корумпирани држави, како и непревземањето на никаква активност и иницијатива во моменти кога корупцијата и криминалот во државата цветаат, е доказ дека Љупчо Николовски има измислена и фиктивна функција во Владата само за да зема огромна плата и да ужива други комодитети, а во меѓувреме да си врши партиски задачи и обврски.

Share
Scroll to Top