Жителите на Долно Лисиче конечно добиваат чиста и безбедна вода, вели Ѓорѓиевски

Жителите на Долно Лисиче конечно добиваат чиста и безбедна вода, вели Ѓорѓиевски

пред 3 часа

После многу години чекање, жителите на Долно Лисиче конечно добиваат чиста и безбедна вода за пиење, напиша денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на неговата Фејсбук-страница.

Ѓорѓиевски информираше дека денеска со градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, извршиле увид на работите на новата водоводна мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче.

– Ова е проект што за луѓето овде, значи многу. Значи сигурност во секој дом, чиста вода за секое семејство, мир за родителите и подобри услови за живот на децата – додаде Ѓорѓиевски.

Проблем што траел со децении, како што нагласи тој, конечно почнува да се решава.

– На улица „2“ се гради нова водоводна мрежа во должина од околу 1.255 метри, со цевка DN 225 мм, која ќе се поврзе со постојната водоводна линија на регионалниот пат R1106. Со овој зафат се предвидени и 109 приклучоци за домовите од левата и десната страна на улицата. Дополнително, кај месната заедница, на улица „20“, ќе се замени старата и дотраена водоводна цевка со нова полиетиленска цевка DN 160 мм, во должина од 48 метри. Со тоа ќе се овозможи подобро движење на водата и постабилно водоснабдување за жителите. Знам колку значи кога човек во својот дом ќе ја отвори чешмата и ќе знае дека водата е чиста, безбедна и сигурна – нагласи градоначалникот.

Тој истакна дека тоа не смее да биде луксуз, оти тоа е основно право на секој човек.

– Како што ветивме пред нашиот народ, така и работиме. Чекор по чекор, улица по улица, маало по маало, ги решаваме проблемите кои предолго биле оставани настрана. Следуваат уште многу проекти за подобар и подостоинствен живот. За Долно Лисиче, за Аеродром, за цело Скопје – најдоброто доаѓа – пишува Ѓорѓиевски во објавата.

Текстот Жителите на Долно Лисиче конечно добиваат чиста и безбедна вода, вели Ѓорѓиевски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top