Премиерот Зоран Заев на Економскиот Форум Делфи кој се одржува во Атина дискутираше за придобивките од Договорот од Преспа, соработката со соседна Грција на политички и економски план со фокус на енергетиката, придобивките од влезот во НАТО како и за европската иднина на Северна Македонија.
На сесијата присуствуваа и вицепремиерите Фатмир Битиќи и Никола Димитров како и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Осврнувајќи се на Договорот од Преспа премиерот Заев рече дека три години подоцна нема апсолутно никакво сомневање за резултатите што се постигнати со тој договор како и за далекусежните придобивки од него.
„Го решивме прашањето за името на мојата земја, да не одлагаме, да не калкулираме, да му дадеме на регионот нов Балкан, Балкан на 21 век во кој минатото нема да биде пречка за заедничката европска иднина. Со Договорот ја отстранивме последната пречка за нашето членство во НАТО и станавме 30 членка на алијансата. НАТО е безбедност и сигурност, гарантиран мир, слобода и владеење на правото. Горд сум што Северна Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО. Потребна е поддршката од Грција и на нашиот европски пат и благодарни сме што ја добиваме“, рече Заев.
Од Економскиот Форум Делфи во Атина, премиерот Заев истакна дека со колегата Мицотакис имаат одлична соработка и порача дека Северна Македонија негува добрососедски односи и настојува секогаш сите отворени прашања да ги решава низ дијалог и во атмосфера која нема да ги продлабочува разликите, туку напротив, ќе ги приближува колку што е можно повеќе.
Во однос на соработката со Бугарија, премиерот Заев очекува дека ќе има решение.
„Нашиот регион треба да влезе во ера на соработка за просперитет на сите наши народи. Да се зацврстува економската соработка, инвестициите, да се зајакнува довербата со цел унапредување на трговската соработка“, рече Заев.
Премиерот Заев истакна дека интеграцијата во ЕУ на сите држави од Западен Балкан, како и интензивната регионална соработка поставуваат основа за развој, сигурност и за иднината на регионот.
Продлабочувањето на економската интеграција и соработка помеѓу државите од Западен Балкан преку сите постоечки иницијативи е приоритет на сите народи од нашиот регион.