Здравковски: Поставувањето на функции на нестручни луѓе резултираше со директен удар врз џебот граѓаните

пред 3 години

Неспособноста на СДСМ со забрзано темпо го зема цехот и удира силно по џебот на граѓаните. Неодговорноста, криминалот и лошото менаџирање од страна на СДСМ, денес добија уште една потврда, истакна Игор Здравковски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата предводена од СДСМ и ДУИ денес побара од Собранието да изгласа продолжување на кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија. Наместо да решава проблеми на граѓаните, криминогениот карактер на оваа тендерско – владејачка коалиција постојано ги создава и креира, а последиците ги трпат сите граѓани на Република Македонија“, додаде тој.

До овој хаос во снабдувањето со топлинска енергија, смета Здравковски, немаше да дојде доколку арогантноста на СДСМ не беше посилна од грижата за граѓаните и одговорното работење. Подолг период алармираме дека до ова ќе дојде токму поради неспособноста на оваа власт. За жал, во 21 век кога треба да се движиме напред, ние со оваа власт се враќаме назад и тонеме се повеќе и повеќе, посочи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него постојат повеќе фактори кои доведоа до оваа како што ја нарече безизлезна ситуација во која што не втурна СДСМ.

“Ненавремената реакција за купување и снабдување со резерви на гас, бидејќи Владата си тераше изборни кампањи и не убедуваше дека се’ е под контрола, доведоа до тоа оваа Влада да биде приморана да купува гас по енормно високи цени. Колку за илустрација, Македонија има цена од 1350 долари за метар кубен гас, а за истото Србија плаќа цена од 350 долари. Страшната разлика во цена е евидентна и таа ја плаќаме сите ние, од свој џеб. Нагласувам, Македонија има убедливо највисоки цени на гасот во регионот и за тоа не е виновен никој друг освен оваа власт предводена од СДСМ“, нагласи Здравковски.

„Уште една причина поради која што скопјани половина зима немаа парно и добија повисоки сметки е партизирањето и вдомувањето на партиските кадри и послушници на Заев и Ковачевски во ЕЛЕМ, во Одборот на директори на ГА-МА, во разни регулаторни тела, како и во уште многу други институции кои што се директно одговорни за оваа состојба на недостиг на гас. Вдомувањето и поставувањето на функции на некадарни и нестручни луѓе само поради тоа што доаѓаат од партијата на власт, резултираше со директен удар врз џебот граѓаните“, додаде тој.

Информираше дека со продолжувањето на кризната состојба, индустриските потрошувачи, претпријатијата и јавните институции, за месец февруари ќе плаќаат двојно поскапи сметки во однос на јануарските. За нив, рече Здравковски, со ова продолжување, цената ќе се зголеми за дури 100 отсто. Смета дека ова се страшни податоци и ценовни шокови кои ќе придонесат за уште поголемо незадоволство кај граѓаните, како и за затворање на фирми и компании не можејќи да ги издржат овие поскапувања.

„СДСМ така функционирал отсекогаш, така функционира и сега. СДСМ веќе не е партија, туку е биро за вработување кое има за цел лично богатење на сметка на граѓаните“, рече Здравковски.

Share
Scroll to Top