Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ испрати барање до Град Скопје како подносител на кривичната пријава против Цементарница Усје АД Скопје, поднесена во 2023 година, да достави ургенција до Јавно обвинителство со цел да се добие информација за статусот и фазата на постапката.
Од иницијативата бараат Обвинителството да одговори дали постапката е во тек, дали е привремено запрена и кога се очекува да продолжи, како и причините за таква одлука, односно дали е трајно запрена и со кое образложение.
„Зелен хуман град“ оценува дека усвојувањето на заклучокот со кој Советот на Град Скопје ја издвоил Цементарница Усје како најголем загадувач и препорачал нејзина дислокација до органите на централната власт е позитивен почетен чекор, но, според нив, тој не е доволен сам по себе.
Од иницијативата посочуваат дека Градот Скопје, како подносител на кривичната пријава, има обврска активно да се залага постапката да не запре и да биде изречена соодветна казна.
Во барањето се наведува и потребата од воведување 24-часовен мониторинг на индустриското загадување, кој, како што посочуваат, веќе е достапен за јавноста во реално време, како и третирање на условите од Најдобрите достапни техники на Европската Унија од 2013 година за цементната индустрија како минимални стандарди во Македонија.
Иницијативата повторно побара дислокација на Цементарница Усје надвор од Скопје.
Текстот „Зелен хуман град“ бара ургенција од Град Скопје за постапката против Цементарница Усје е превземен од МАКФАКС.






