Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на 29-тиот Евроазиски економски самит организиран од Фондацијата Мармара, кој се одржа од 11 до 13 мај 2026 година во Истанбул, Република Турција.
Претседателот Иванов се обрати на сесијата „Глобален дијалог на лидери“, на тема „Европската Унија во светлина на променливите глобални и економски вредности: Поствоен свет со војни, терор, конфликти и присилни миграции“, посветена на современите глобални предизвици, кризата на меѓународниот поредок, геополитичките промени, улогата на Европа и иднината на демократските вредности и глобалните економски текови. На сесијата учествуваа и поранешните претседатели Абдула Ѓул од Турција, Данило Тирк од Словенија, Борис Тадиќ од Србија, Емил Константинеску од Романија, Стјепан Месиќ и Иво Јосиповиќ од Хрватска, Вацлав Клаус од Чешка и други поранешни државници од Европа, Азија и Африка.
Во своето обраќање, Иванов испрати силни пораки за значењето на владеењето на правото, доследната примена на меѓународните принципи и потребата од обновување на довербата во институциите, истакнувајќи дека денешната глобална криза не е само економска и безбедносна, туку и криза на принципи, легитимитет и доверба. Осврнувајќи се на долгогодишните евроинтеграциски процеси на државите од Западниот Балкан, Иванов нагласи дека нема европска вредност без европска доследност и дека правото ја губи својата суштина кога станува прашање на политичка удобност, посочувајќи дека практиката на „подвижни цели“ и постојаните нови условувања создаваат чувство на неправда и недоверба кај државите кои со години спроведуваат реформи.
Тој потенцираше дека токму малите држави најдобро ја разбираат вредноста на правилата и правото, бидејќи за нив тие претставуваат заштита во меѓународните односи. Во контекст на современите економски текови, посочи дека т.н. „казино капитализам“ создава систем во кој добивките се приватизираат, а загубите се социјализираат, што води кон криза на легитимитетот и довербата во демократските системи. Предупредувајќи на двојните стандарди во современите меѓународни односи, Иванов истакна дека правото не смее да се применува селективно, бидејќи „правото кое важи само за слабите не е право, туку организирано насилство со подобри манири“. Претседателот Иванов своето обраќање го заврши со симболичната порака дека „Империите минуваат. Реките остануваат“, потенцирајќи дека вистинските цивилизациски вредности, правото и историската меморија остануваат темел врз кој се гради иднината.
За време на самитот, претседателот Иванов оствари повеќе средби и разговори со актуелни и поранешни државници, дипломати, професори, претставници на меѓународни организации и учесници од Европа, Азија и Блискиот Исток, при што беа разменети мислења за актуелните геополитички состојби, улогата на дијалогот меѓу цивилизациите и потребата од зајакната меѓународна соработка во услови на зголемена глобална неизвесност, безбедносни предизвици и геополитички промени.
Текстот Иванов се обрати на 29-тиот Евроазиски економски самит во Истанбул: Правото кое важи само за слабите не е право, туку организирано насилство со подобри манири е превземен од МАКФАКС.





