Францускиот институт во Скопје известува дека во излогот и во внатрешниот дел на Институтот е поставена изложбата на фотографии „Париз, Ла Дефанс“ на фотографот Александар Кондев.
Изложбата се состои од 6 фотографии и е поставена по повод одбележување на Франкофонијата.
Фотографиите, како што информираат од таму, се реализирани во месец декември 2021 год., за време на престојот на уметникот во Париз и истите го заокружуваат циклусот фотографии под наслов „Франција“, реализирани во периодот од 1993 до 2021 год.
Александар Кондев е роден 1950 година во Скопје, каде што го започнува своето школување. Уште во основното училиште се запознава со фотографијата и фотографската техника. Од најмала возраст активно учествува на натпревари по фототехника, на кои освојува награди.
Нагласената индивидуалност го насочува неговиот интерес кон филмот и анимацијата, како и за експериментите во играниот и докуметарниот филм. Со неговиот прв игран филм „Ден како секој ден“ ја освојува наградата за дебитантски филм на Републичкиот фестивал на аматерскиот филм во Скопје во 1967 година. Паралелно работи на анимации и на експериментални филмови.
Додека студира на Економскиот факултет, продолжува со ангажманите околу фотографијата, како член на Фото клубот „Вардар“ во Скопје. Зема учество на бројни изложби во тогашна Југославија и во странство. Првата самостојна изложба ја реализира во 1977 година, во галеријата на Домот на младите „25 Мај“ во Скопје.
Во периодот 2001 до 2016, покрај професионалниот ангажман во фотографијата, учествува на повеќе домашни и странски изложби, работи како предавач на семинари за фотографија, како член на жири и куратор на повеќе изложби. Делува во областа на културата, работи на книги, монографии и на пропагандни материјали. Куратор е на повеќе фотографски изложби и организатор на семинари во рамките на „Скопско лето“.
Во 2015 год. имаше голема ретроспективна изложба во Националната галерија на Македонија.