Инспектори влегуваат во трите болници каде што се лекувала 19-годишната родилка која остана неподвижна

Инспектори влегуваат во трите болници каде што се лекувала 19-годишната родилка која остана неподвижна

пред 4 часа

Министерството за здравство соопшти дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), по налог на министерот Сашо Клековски, спроведува вонреден инспекциски надзор во Општата болница Струмица, Клиничката болница Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, каде што била лекувана 19-годишната пациентка.

Од Министерството информираат дека во наредните денови ќе биде прибрана целокупната медицинска документација од трите здравствени установи, по што ќе бидат изготвени заклучоците од стручниот надзор и, доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки.

Во соопштението се нагласува дека ќе бидат заштитени достоинството, приватноста и личните и медицинските податоци на пациентката, а јавноста се повикува да се воздржи од шпекулации и предвремени заклучоци додека траат постапките. Апел е упатен и до медиумите и јавноста да го почитуваат достоинството на здравствените работници, чија евентуална одговорност, како што наведуваат, може да се утврди единствено по завршувањето на стручниот надзор.

Министерството најави дека по завршувањето на надзорите транспарентно ќе ја информира јавноста за утврдените факти и за понатамошните чекори.

Случајот се однесува на 19-годишната пациентка од струмичкото село Баница, која по царски рез изведен во Клиничката болница во Штип останала со параплегија и се движи со инвалидска количка. Таа е мајка на две деца.

Во меѓувреме, директорот на Клиничката болница Штип, Владко Захариев, соопшти дека пациентката по царскиот рез била испишана во добра општа состојба, а подоцна се јавила со слабост на долните екстремитети. Според него, при дијагностиката била утврдена промена во спиналниот канал на високо торакално ниво, која анатомски не се наоѓа во регијата каде што се аплицира спиналната анестезија, поради што, како што наведе, не може да се поврзе со анестезијата при царскиот рез.

 

Текстот Инспектори влегуваат во трите болници каде што се лекувала 19-годишната родилка која остана неподвижна е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top