Костадиновска Стојчевска: КИЦ Софија е квалитетно поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија

пред 3 години

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, како дел од владината делегација која е во официјална посета на Република Бугарија, денеска го посети Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија. На средбата со директорот Сашко Насев разговараа за динамиката и идните активности на овој прв македонски културен центар, кој има големо значење во промоцијата и афирмацијата на македонската култура во бугарската престолнина.

Костадиновска Стојчевска истакна дека Културно-информативниот центар е пример за квалитетно поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Република Бугарија и е место за културна размена, едукација, но и место каде што се создаваат вредни пријателства. На средбата во КИЦ присуствуваа истакнати автори, режисери, актери и млади уметници кои континуирано остваруваат соработка со македонскиот културен центар, на кои министерката Костадиновска Стојчевска им се заблагодари за поддршка во промовирањето на настаните кои се организираат во овој културен простор.

„Денешната посета на Софија е во насока на продлабочување на соработката и да покажеме дека можеме заедно да работиме на големи проекти во културата“, рече министерката Костадиновска Стојчевска и додаде дека, за таа цел, ќе биде договорен и календар на културни активности кои ќе бидат рамката за реализација на нашата заемна понатамошна соработка.

Министерката Костадиновска Стојчевска упати благодарност до директорот на Културно-информативниот центар, Сашко Насев, за неговата посветеност и придонес кон продлабочувањето на културните врски меѓу двете земји. Минатата година, и покрај пандемијата, во Софија се реализираа настани и активности преку кои беа претставени бројни македонски уметници од сите генерации.

Share
Scroll to Top