Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека реалните економски податоци ги побиваат нивните тврдења за економски бум во земјата.
„Секојдневно, реалните економски податоци и индикатори ги побиваат лагите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за наводен економски бум во државата. Последните податоци за инфлацијата потврдуваат дека, спротивно на уверувањата на власта дека инфлацијата паѓа, таа останува висока и ја јаде куповната моќ на граѓаните. Годишната инфлација во октомври достигна 4,5 проценти, а најголемо зголемување од 7 проценти е регистрирано кај трошоците за храна и безалкохолни пијалаци – основните производи без кои не може да живее ниту едно семејство“, рече Кузеска.
Таа додаде дека цените продолжуваат неконтролирано да растат.
„За 2,8 проценти се зголемени цените на мало во октомври годинава, споредено со истиот месец лани. Најголем раст има кај прехранбените производи – храната поскапе за 6,7 проценти, овошјето и зеленчукот за 4,3 проценти. Растот на инфлацијата и цените е јасен показател дека економските политики на власта се промашени и без никаков резултат. Сметката ја плаќаат граѓаните“, истакна таа.
Кузеска нагласи дека платите и пензиите не го следат растот на трошоците за живот.
„Ова е клучен показател дека секој ден животот станува сè поскап за македонските граѓани. Тие се принудени постојано да кратат, да пресметуваат, да избираат што нема да купат – затоа што приходите не им стигаат. Ова е реалноста. Ова се вистинските проблеми на граѓаните“, подвлече таа.
Според портпаролката на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема планови за покачување на платите и отфрла конкретни предлози на СДСМ, како минимална плата од 500 евра или укинување на ДДВ за прехранбени производи. „Сега е јасно: на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара граѓаните да живеат сè полошо. Целта е да ги обесхрабрат граѓаните и работниците да бараат подобри плати и приходи“, рече Кузеска.
Таа заклучи дека СДСМ ќе продолжи да предлага конкретни политики кои обезбедуваат подобар живот за сите.
„Со ВМРО-ДПМНЕ на власт расте само стандардот на профитерите. Расте експлоатацијата на работниците и сиромаштијата на граѓаните. Ништо друго добро не се случува во државата. СДСМ нема да молчи – и нема да молчат ниту граѓаните“, рече Кузеска.
Текстот Кузеска: Инфлацијата ги јаде платите, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се без план е превземен од МАКФАКС.






