Вработување на медицински лица мора да биде согласно стручноста, а не според желбите на директорите, реагира политичката партија Левица преку соопштение.
„Секојдневно до Левица пристигнуваат поплаки од невработени медицински лица, кои се разочарани од начинот на кој се врши вработување во јавните здравствени установи.
Имено, за да се вработи еден здравствен работник согласно Законот за здравствена заштита, не е доволно само исполнување на општите и посебните услови, односно остварување најмногу бодови. По спроведена постапка и оценка од страна на Комисијата за селекција на кандидат, доколку има повеќе од тројца кандидати за едно работно место, директорот (односно работоводниот орган на здравствената установа) спроведува интервју со кандидатите и донесува одлука за избор на “најсоодветен” кандидат.
Тоа значи дека наместо Комисијата да избира најсоодветен кандидат, согласно освоените бодови од успех и стручен испит, се остава на директорот да одлучува кого ќе избере, а притоа, воопшто не е условен со резултатите од бодирањето. Па така, директорот користејќи го своето “дискреционо право”, по само за него познати критериуми, одлучува кој кандидат е најдобар избор за конкретното работно место.
Се поставува прашањето за која цел постои Комисијата? Наместо да се бираат стручни и квалитетни медицински кадри, чија важност особено се докажа за време на здравствената криза, се бираат луѓе по желба на самиот директор, односно подобни послушници на една власт. Зошто ваквите законски одредби постојат и каде е транспарентноста на постапката, принципот на професионалност и квалитет?
Поради ваквите лоши политики на сите власти, медицински кадар кој со години е дефицитарен во Република Mакедонија продолжува и понатаму да мигрира поради подобри работни услови во западноевропските земји, но и поради можноста побрзо да дојде до работно место за кое ќе биде достоинствено платен. Власта наместо да го цени нивниот придонес и да покаже искрена грижа за сите нив, истите ги користи само за дневен политички маркетинг и добивање на политички поени. Пандемијата ни покажа колку се значајни медицинските лица за една земја и власта МОРА да најде начин како истите да ги задржи и да им овозможи услови да останат тука“, се наведува во соопштението на Левица.