Левица: Орце прави спектакл за да си го крене рејтингот – една порака, цел политички циркус

Левица: Орце прави спектакл за да си го крене рејтингот – една порака, цел политички циркус

пред 4 часа

Орце Ѓорѓиевски денес повторно покажа дека функцијата градоначалник ја разбира првенствено како ПР-платформа за лична промоција и партиски пресметки. Од непроверена порака што кружеше низ преписки за наводна неисправност на водата, успеа да произведе политички спектакл, да ги прогласи скопјани за хистерични и да ја обвини опозицијата дека е единствениот причинител на недовербата на граѓаните во власта, велат од Левица.

„Надлежните институции од него и неговата потреба за ПР беа спречени навремено, професионално и без политичка врева да ја информираат јавноста. Очигледно, за Ѓорѓиевски не е доволно институциите да си ја завршат работата. Потребна е камера, конфликт, политички непријател и, секако, потребен е Орце во центарот на кадарот.

Ако веќе Ѓорѓиевски воведува практика без доказ да одредува кој стои зад некоја порака, тогаш со истата логика јавноста може да праша и дали пораката можеби била пуштена од кругови блиски до ДПМНЕ – за потоа истата власт да ја демантира, да произведе прес-конференција и да си запише уште еден измислен триумф.

Бизарна денешната експресна решителност на Ѓорѓиевски ако се потсетиме на Лепенец. Пред само неколку недели реката беше прекриена со пена, а градоначалникот ветуваше дека загадувачот ќе биде откриен, дека ќе следуваат санкции и дека немало да има толеранција за никого. Денес јавноста сè уште нема никаков епилог за тоа кој го предизвикал инцидентот и кој понел одговорност.

А токму ваквото владеење преку спектакл наместо преку резултат ја создава недовербата која Ѓорѓиевски денес ја нарекува хистерија. Граѓаните не се вознемируваат затоа што некоја опозиција им наредила да се плашат, туку затоа што со децении гледаат партизирани институции, кадровски импровизации, гласни ветувања без епилог и функционери кои се одлучни само додека работат камерите. Довербата не се гради со прес-конференциски темперамент, туку со компетентност, транспарентност и одговорност.

И конечно, Ѓорѓиевски нека престане да ја продава приказната дека ДПМНЕ го открило Скопје пред осум месеци и сега херојски го спасува од некаков туѓ хаос. Политичката одговорност на ДПМНЕ за Град Скопје почнува многу порано. Данела Арсовска беше избрана со нивна директна политичка поддршка, ДПМНЕ ја имаше најголемата советничка група и претседателот на Советот, а по нивниот меѓусебен раскол следуваше повеќегодишна блокада чија сметка ја плаќаа скопјани.

Сега, кога и градоначалникот и клучните лостови во Советот се под иста партиска команда, привидната деблокадата на институциите го продаваат како чудо изведено „за само осум месеци““, се вели во партиското соопштение.

Текстот Левица: Орце прави спектакл за да си го крене рејтингот – една порака, цел политички циркус е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top