Македонско-чешки бизнис форум во Скопје: Идентификувани сектори со најголем потенцијал за соработката

пред 3 години

Македонски и чешки компании имаат долга историја на заедничка соработка со потенцијал за продлабочување, особено во секторите транспортна инфраструктура, енергетска индустрија и производство на медицинска опрема, беше истакнато на денешниот бизнис форум кој се одржа во DoubleTree by Hilton во Скопје, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и Амбасадата на Република Чешка.

На форумот учествуваа претставници на деловните организации од двете земји кои ги презентираа своите интереси за соработка, инвестирање и зајакнување на деловните односи меѓу двете земји. По завршувањето на официјалниот дел, компаниите од двете држави имаа можност да остварат и директни бизнис средби.

Едуард Муржицки, заменик-министер за индустрија и трговија на чешката влада рече дека чешките компании нудат врвен квалитет на производи и услуги и искрено се заинтересирани за долгорочна и стабилна соработка.

„Се чини дека најголем потенцијал за идна соработка има во секторите транспортна инфраструктура или енергетска индустрија во сите нејзини сегменти, вклучувајќи ги и обновливите извори на енергија. Гледам и голем потенцијал во областа на геолошките истражувања, еколошките технологии и управувањето со водите. Чешките компании можат да му понудат на светот медицинска опрема со врвен квалитет. И последно, но не и помалку важно, Чешка може да обезбеди различни технологии за развој на паметни и одржливи градови“, изјави Муржицки, искажувајќи верување дека денешните деловни средби ќе имаат позитивно влијание врз развојот на економски односи меѓу двете држави.

Пред присутните се обрати и претставник на Стопанска комора на Чешка, Јиржи Хансл, кој истакна дека чешките претприемачи ја гледаат Северна Македонија како перспективен партнер и идна земја членка на ЕУ.

„Чешка го поддржува нејзиниот пристап во ЕУ. Македонските, како и чешките компании ќе имаат корист од многуте предности што ги нуди ЕУ и нејзиниот единствен пазар од 500 милиони потрошувачи. Верувам дека оваа деловна мисија ќе донесе нови можности за компании од двете земји, пред се во секторите како што се транспортот, инфраструктурата, енергетиката и здравството“, истакна Јиржи.

За да обезбеди соодветна рамка за зајакнување и интензивирање на соработката меѓу нашите земји, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на Чешка во рамки на форумот потпишаа Меморандум за разбирање.

„Трговските врски меѓу двете земји имаат историја, а трговската размена е во нагорна линија, со потенцијал за унапредување и соработка со цел намалување на разликите во размената. Во исто време, на економски план за натамошен развој на соработката меѓу двете земји, ќе отпочнеме со интензивирање на деловните партнерства и промовирање на секторите со висок потенцијал “, изјави Ангелоски, на потпишување на Меморандумот.

Можностите и поволностите за инвестирање во нашата земја ги презентираше заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи.

Share
Scroll to Top