Видепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес имаше обраќање по повод свеченото одбележување на Светскиот ден на Ромите, во кое честитајќи го празникот истакна дека обврска на сите е да ги почитуваме различностите и да ги негуваме заедништвото и мултикултурализмот.
„Политиките за инклузија на Ромите се меѓу врвните приоритети на Владата рефлектирани и во четиригодишната Програма за работа каде, меѓу другото, се обврзуваме дека за време на нашиот мандат ќе се фокусираме на подобрување на социјалната сигурност и развојот на Ромите“, истакна вицепремиерот Маричиќ, посочувајќи дека заложбата на Владата за Ромите е содржана и во неодамна донесената Стратегија за Ромите 2022-2030, како и во Декларацијата од Познан усвоена во јули 2019 година во рамките на Берлинскиот процес.
Маричиќ посебно ја нагласи важноста на инклузијата на Ромите и за процесот на европска интеграција на земјава и постигнатите резултати во овој аспект со искористување на европските фондови за проекти за оваа цел. Тој издвои неколку реализирани и планирани проекти за Ромите во неколку општини, меѓу кои Прилеп, Битола, Виница, Шуто Оризари, Велес, Кичево, Штип и Кочани, за кои се обезбедени европски пари.
„Во рамки на ИПА III Ромите се поддржани преку ИПА 2022 Акцискиот документ за подобрено здравство, социјална заштита и родова еднаквост, кој предвидува активности за подобрена ефективност на системот за превенција и заштита на родово и семејно насилство преку пристап до специјализирани и други суштински социјални услуги“, истакна вицепремиерот, додавајќи дека инклузијата на Ромите ќе биде во фокусот и на новите програми во рамките на ИПА III за 2023 година.
Маричиќ рече дека и покрај сите вложени напори и постигнати резултати, има сè уште предизвици, дека треба уште заеднички да се работи за целосна инклузија на Ромите во општеството и дека ќе продолжи унапредувањето на правната и институционалната рамка за суштинска инклузија на Ромите во сите општествени сфери.