Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев (41) од Кочани, е лишен од слобода под сомнение за примање поткуп, информира Министерството за внатрешни работи.
„Денеска полициски службеници од Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал го лишија од слобода В.А.(41) од Кочани и против него до ОЈО за ГОКК е поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по чл.357 од КЗ.
В.А., во својство на службено лице, директор на Државен инспекторат за земјоделство, со цел стекнување на противправна имотна корист од сопственик на правен субјект кој се занимава со увоз, индиректно преку лице шпедитер побарал поткуп во износ од 100.000 евра, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Имено, на оштетеното лице му било образложено дека за стоката која што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати, бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник. Со цел увозот да се изврши непречено, на оштетеното лице му биле побарани 100.000 евра, кои требало да ги предаде во три наврати и тоа во еден наврат износ од 50.000 евра и во два наврати по 25.000 евра.
На 19.03.2026 извршено е примопредавање на предметните парични средства во износ од 50.000 евра како прва рата од побараниот поткуп, при што истите првично од оштетеното лице ги презема шпедитерот, со цел подоцна да ги предаде на В.А.. По земањето на парите од страна на В.А., преземени се оперативно тактички мерки и активности и врз основа на издадени наредби извршен е преглед на лице, превозно средство и багаж. При прегледот на патничко моторно возило, под совозачкото седиште, парите се пронајдени и одземени“.
Текстот МВР со детали за апсењето на Анакиев : побарал поткуп од 100.000 евра а примил 50.000 како прва рата е превземен од МАКФАКС.





