Пациентите со дијабетес имаат достапност на најсовремена инсулинска терапија, а осбено ми е драго што, конечно, набавивме 650 сензори за безболно мерење гликемија наменети за деца и млади до 18 години со дијабетес тип 1, бремени жени со дијабетес тип 1 и слепи лица со чија помош се овозможува континуирано мониторирање на гликемијата.
Oва го истакна министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, на денешниот форум по повод светскиот ден за борба против дијабетесот со наслов „Соочени со предизвиците на дијабетесот во Македонија – дејствуваме пред да стане непоправливо“.
„Имавме година во која се соочивме со повеќе предизвици, но сепак морам да истакнам дека Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес, во соработка и со здруженијата, макотрпно работеше на нивно успешно решавање. Заедно придонесовме за подобрување како на општото здравје така и на квалитетот на живот на пациентите со дијабетес“, истакна Меџити.
Во своето обраќање Меџити се осврна и на воведувањето на новите протоколи во примарната здравствена заштита, кои придонесоа за подобро следење и мониторирање на пациентите со дијабетес од страна на нивните матични лекари, односно рана детекција на компликациите што потекнуваат од болеста.
„Со зголемување на дијагностичките и терапевтските можности на матичните лекари овозможивме пациентите со дијабетес да може да ја добиваат статинската терапија токму кај нив, а знаејќи ја важноста на добрата регулација на мастите во крвта, кај оваа група на пациенти значително ги намалуваме непотребниот морбидитет и трошоците на пациентите. Со ова ги подобривме квалитетот и континуитетот на грижата на сите пациенти со дијабетес“, потенцира Меџити.
Министерот Меџити посочи дека во периодот што следува ќе се труди пациентите со дијабетес да имаат пристап до најсовремените начини за третман нагласувајќи дека обврска како здравствен систем е да се овозможи поквалитетен живот на луѓето што имаат дијабетес и да се превенираат компликациите од дијабетесот.
Во земјата се регистрирани 140.000 случаи на дијабетес, а воведена е и скрининг-програма за лица што немаат фактори на ризик, со која се овозможува рана детекција на ризик-факторите и со тоа да се превенира или одложува манифестацијата на болеста.
Текстот Меџити: Првпат овозможуваме безболно мерење гликемија за повеќе детски насмевки е превземен од МАКФАКС.