МЖСПП: Поддршка за модернизација на зоолошките градини во Скопје и Битола

МЖСПП: Поддршка за модернизација на зоолошките градини во Скопје и Битола

пред 6 часа

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на биолошката разновидност под мотото „Делување локално за глобално влијание“, беше потпишан трипартитен Меморандум за соработка помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и зоолошките градини во Скопје и Битола. Овој стратешки документ е клучниот чекор од денешниот настан, со кој се дефинира петгодишната рамка за воведување на европските стандарди, истакнуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во своето обраќање, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, ја истакна главната цел на ова партнерство: „Сакаме овие институции да ги трансформираме во модерни, европски центри. Центри кои примарно ќе се грижат за благосостојбата на животните, заштитата на дивиот свет и едукацијата на младите.“

За да се осигура ефикасна реализација на потпишаниот меморандум, Министерството преку фондот БИОФИН гради стабилни финансиски механизми. Овие средства директно ќе ја поддржат работата на заштитените подрачја, екосистемите, но и развојот и инфраструктурните проекти во двете зоолошки градини.

Партнерството предвидува изградба и реконструкција на живеалишта согласно ЗОО Директивата на ЕУ, отворање на ЦИТЕС центар за едукација, како и поддршка за влез на ЗОО Скопје и ЗОО Битола во Европското здружение на зоолошки градини и аквариуми. Настанот во ЗОО Скопје ги обедини претставниците на локалната самоуправа, научната заедница, наставниците и учениците, кои учествуваа со своја изложба на цртежи.

Од одбележувањето беше порачано дека богатото и ендемично природно наследство на нашата земја е гордост, но и обврска за сите. Само преку заедничка работа на институциите, граѓаните и младите – како идни чувари на природата – можеме вистински да ја зачуваме животната средина и да обезбедиме одржлива иднина.

Текстот МЖСПП: Поддршка за модернизација на зоолошките градини во Скопје и Битола е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top