Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Вашингтон, учествуваше и се обрати на настан организиран од Атлантскиот совет, посветен на трансатлантските приоритети на Република Северна Македонија.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ги истакна клучните надворешнополитички приоритети на државата, нагласувајќи ја посветеноста кон зајакнување на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, како и активната улога на државата како доверлив безбедносен партнер во рамки на НАТО и регионот, известува Министерството за надворешни работи.
Тој се осврна и на напорите за унапредување на економската соработка, вклучително и тековните иницијативи за продлабочување на билатералните трговски односи со САД.
Во контекст на европската интеграција, Муцунски ја реафирмираше стратешката определба на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија, при што укажа на предизвиците поврзани со билатералните прашања и ја нагласи потребата од кредибилен и предвидлив процес на проширување.

Дополнително, беа потенцирани приоритетите за зајакнување на регионалната соработка и стабилноста на Западен Балкан, како и значењето на трансатлантското партнерство во справувањето со современите безбедносни и геополитички предизвици.
Настанот се одржа во рамки на иницијативата „Balkans Forward“ на Атлантскиот совет, со учество на претставници од политичкиот, академскиот и аналитичкиот сектор, соопшти Министерството за надворешни работи.
Текстот Министерот Муцунски учествуваше на настан на Атлантскиот совет во Вашингтон е превземен од МАКФАКС.





