Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината, порача премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Третата конференција на задграничните комитети на партијата, што се одржа во Солинген, Германија.
На конференцијата присуствувале и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски, информираат од партијата.
Во обраќањето пред делегатите, Мицкоски ги презентирал состојбите во државата, економските показатели, за кои оценил дека укажуваат на раст, инфраструктурните проекти, како и мерките за справување со предизвиците во енергетиката предизвикани од глобалните случувања.
Говорејќи за меѓународната позиција на државата, тој истакнал дека Македонија станала држава за почит, која ги брани своите ставови со аргументи, јасни пораки и стратегија.
Актуелната положба на државата, според Мицкоски, е последица на грешките од минатото, кои ги оцени како „тешки како планини“.
Тој нагласил и дека ВМРО-ДПМНЕ има убедливо најголема поддршка кај граѓаните, со предност поголема од поддршката на сите други политички актери заедно.
На конференцијата биле отворени и прашања за унапредување на комуникацијата меѓу македонската дијаспора и татковината, како и за можностите за инвестирање и враќање во Македонија.
Мицкоски од вчера престојува во работна посета на покраината Северна Рајна-Вестфалија во Германија. Според најавите од владината прес-служба, во рамки на посетата се предвидени средби на високо политичко ниво, како и разговори со претставници на компании, институции и деловната заедница.
Предвидено е премиерот да присуствува и на првиот самит „Посилни заедно – отпорноста како императив за целото општество“, каде што ќе учествува на панел-дискусијата „Од глобални промени до регионални реалности“.
Текстот Мицкоски во Германија: Дијаспората е нераскинлив дел од татковината е превземен од МАКФАКС.





