“Македонија е помеѓу 4-те најсиромашни држави во Европа, покрај тоа што е помеѓу трите најкорумпирани, најкриминални држави во Европа. Потрошувачката кошница на основните прехрамбени и други производи изнесува во декември 35.042 денари, и оваа сума постојано се зголемува. Не се проблем само минималните плати, туку ниските плати кои што се поголем број на луѓе ги добиваат”, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Тој додаде дека денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи амандман на законот за минимална плата каде ќе се овозможи зголемување на платите во јавниот сектор.
Од партијата ќе бараат износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата при што скалесто се зголемуваат платите, каде основната вредност на најнискиот коефициент и бод се изедначува со износот на минималната плата.
Мицкоски наведе дека очекува од страна на владата, од страна на парламентарните партии амандманот да биде прифатен затоа што секој заслужува подобро да живее и без разлика на тоа во кој дел на администрацијата имаме вработен, државата, владата треба да покажат одговорност и сериозност и да ги усогласат преку личен пример овие коефициенти, односно примањата на вработените во државната и јавна администрација.
За ова барање, Мицкоски побара поддршка и од работниците, синдикатите и од пошироката јавност.