Мицкоски на Меѓународниот ден на Ромите: Различноста не е причина за поделба, туку извор на сила, креативност и напредок

Мицкоски на Меѓународниот ден на Ромите: Различноста не е причина за поделба, туку извор на сила, креативност и напредок

пред 7 часа

Нашата визија е јасна. Ние сакаме држава во која ромското дете ќе има исти шанси како и секое друго дете. Но не само тоа. Сакаме држава во која тоа дете ќе верува дека може. Во која ќе расте со самодоверба, со чувство дека припаѓа, со убедување дека неговиот труд ќе биде препознаен и вреднуван. Сакаме млади луѓе кои нема да се чувствуваат оттурнати, туку прифатени. Кои нема да бараат иднина надвор, туку ќе ја градат тука- во својата држава, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска по повод одбележување на 8 Април Меѓународен ден на Ромите.

Мицкоски посочи дека различноста не е причина за поделба, туку извор на сила, креативност и напредок.

„Сакаме општество во кое различноста не е причина за поделба, туку извор на сила, креативност и напредок. Сакаме институции кои ќе служат, а не ќе одбиваат. Кои ќе отвораат врати, а не ќе ги затвораат. Како што вели Махатма Ганди: „Величината на една нација и нејзиниот морален напредок може да се оценат според начинот на кој ги третира своите најранливи членови.“ Токму затоа, нашата задача е јасна. Да не дозволиме никој да остане зад нас. Да не дозволиме иднината да биде привилегија на неколкумина, туку право на сите. Ова не е борба што ќе заврши утре. Ова е процес. Ова е пат. И тој пат бара упорност, посветеност и искреност. Но, јас верувам во оваа држава. Верувам во нејзините луѓе. Верувам дека можеме да изградиме општество во кое секој ќе се чувствува свој. Затоа што вистинската сила на една држава не се мери по тоа колку е голема – туку по тоа колку е праведна“, истакна тој и додаде:

„Денес не зборуваме само за Ромите. Денес зборуваме за нас. За тоа кои сме. И за тоа кои сакаме да бидеме. Да бидеме генерацијата која не се плашеше да направи промена. Да бидеме генерацијата која ги урна бариерите. Да бидеме генерацијата која избра правда наместо удобност. Да бидеме генерацијата која ќе каже: доволно беше со поделби – време е за единство, доволно беше со предрасуди – време е за почит, доволно беше со неправди – време е за еднаквост. И да не заборавиме – иднината не доаѓа сама. Таа се гради. Ден по ден. Одлука по одлука. Чекор по чекор. И затоа денес, од ова место, испраќаме јасна порака: Ќе работиме. Ќе се бориме. Нема да се откажеме. Затоа што секој човек вреди. Затоа што секој човек заслужува. Затоа што секој човек е важен. Има само една цел – држава еднаква за сите. Нека е честит Светскиот ден на Ромите. Нека е вечна нашата заедничка борба за достоинство, правда и еднаквост. И на крај, не заборавајте оваа земја е изградена од потта, страдањата и жртвата на нашите татковци, мајки и дедовци, но и е составена од нашата визија, подготвеност и борба за иднината на нашите деца. Наша земја, наша битка.“, рече Мицкоски.

Текстот Мицкоски на Меѓународниот ден на Ромите: Различноста не е причина за поделба, туку извор на сила, креативност и напредок е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top