Мицкоски: Остануваме на стратегијата за дата центри, преговараме со мултинационална компанија

Мицкоски: Остануваме на стратегијата за дата центри, преговараме со мултинационална компанија

пред 6 часа

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со дата центрите истакна дека светот ова ќе го развива и прашање е ние дали ќе го препознаеме моментот ако сакаме да се развива државата, затоа Владата останува на таа стратегија, но сè што се прави ќе биде јавно и транспарентно, при што додаде дека во моментов се преговара со 5-6 потенцијални инвеститори, од кои една е голема мултинационална компанија.

„За тоа што го коментира опозицијата, претпоставам дека кај нив работи Фројд и тие мислат дека како тие што се однесуваа кон државата и кон граѓаните, лажејќи ги, ограбувајќи ги, понижувајќи ги, така и сите се однесуваат. Ние немаме намера како влада и тоа сме го покажале во овие 25-6 месеци, ништо нема да правиме под маса, вие добро знаете дека секоја странска инвестиција или инвестиција која е стратешка ја објавуваме јавно, транспарентно и тука нема никаква дилема да има“, вели премиерот.

Мицкоски додаде дека тоа што го слуша овие 2-3 дена се обидува како инженер да не го коментира бидејќи тоа што го коментираат некои претставува тотална невистина, незнаење и непознавање од страна на луѓе кои имаат политичка тежина и водат политички партии.

„Но, нема да навлегувам во суштината затоа што не заслужуваат суштински одговор на техничко ниво бидејќи манифестираат тотално непознавање. Замислете да не е вештачката интелигенција или податочните центрите како би изгледал денеска БДП да речеме на САД, зарем Nvidia, Amazon, SpaceX, OpenAI, мултинационални глобални компании чиишто брендови тежат трилиони би постоеле денеска ако на било каков начин тие го доведуваат квалитетот на животот на граѓаните под знак прашање. Така што апсолутно остануваме на таа стратегија како влада, овие впрочем проекти се во таа насока да преку гас се изградат гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија која што подоцна ќе се користи во овие дата центри“, потенцираше Мицкоски.

Во однос на проектот во Пехчево, нагласи дека тоа е приватна иницијатива и тоа е предлог на нацрт урбанистички план, тука нема ништо државата, а кога државата ќе прави или учествува за изградба на таков објект јавно транспарентно ќе каже пред граѓаните.

„Ќе дојдеме овде и преговараме, јавно кажувам со најмалку 5-6 потенцијални инвеститори. Меѓу нив е и голема мултинационална компанија и нема да отстапиме од тој чекор ни милиметар“, истакна премиерот Мицкоски.

Во однос на критиките од опозицијата, Мицкоски посочи дека кога зборувал за семејни вредности и дека има помалку 4.000 бебиња, а тоа се 200 празни училници и училишта истите го критикувале, а потоа се соочиле со тој факт, и тоа се истите луѓе кои креваат хистерија за други теми, а во суштина не ја сакаат државата.

„Денеска истите тие кои тогаш правеа хистерија се соочуваат со тој болен факт дека имаме 200 паралелки помалку. И тоа е факт и вистина. Не сакаа да зборуваат на таа тема, но сакаат да измислуваат за мигранти, дека само што не сме банкротирале, потоа не сакаа да зборуваат за инвестицијата во Луке во паланечко, во рудникот за антимон, протестираа за хидроцентрали, сега протестираат, не сакаат дата центри, тие во суштина не ја сакаат Македонија. Треба да се соочиме со реалноста дека имаме политичари кои се платени од граѓаните и тие не сакаат оваа држава да се развива, тие не ја сакаат државата, тие се сакаат себе си и привилегиите коишто потенцијално ги користат“, изјави премиерот.

Потенцираше дека овој процес е неповратен и дека светот ќе го развива и дали ние ќе го препознаеме, ќе се качиме на бродот и ќе ја развиеме Македонија во богата европска држава, бидејќи ова е моментот кога треба да се почне, затоа што ова е новата нафта.

„Ако сакаме ние да си ја развиеме земјата, ако сакаме да си ги вратиме младите однадвор тука, ова е патот според мене. Јас не велам дека ќе се случи преку ноќ, но ова е патот, да ги создадеме условите инфраструктурни, и да донесеме вакви инвеститори. Зарем сите овие милијардери чиишто брендови во бизнисот тежат трилиони, ќе го жртвуваат својот бизнис, репутацијата на бизнисот па и својот личен имиџ и репутација ако тоа што го работат е штетно за луѓето, не, нема да им растат акциите секој ден, туку ќе паѓаат“, изјави премиерот Мицкоски.

Текстот Мицкоски: Остануваме на стратегијата за дата центри, преговараме со мултинационална компанија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top