Премиерот, Христијан Мицкоски, очекува до крајот на годинава да завршат преговорите за новиот Клинички центар кај „Борис Трајковски“.
„Се наоѓаме тука некаде помеѓу двете парцели коишто ги разгледуваме и за коишто преговараме за новиот клинички центар. Едната е пред овој базен којшто го гледате овде лево од нас којшто, исто така, беше оставен на забот на времето па сега се реконструира. А другата е позади овој тобоган којшто го гледате. Тоа се двете парцели отприлика каде што би требало да биде и новиот клинички центар. Очекувам до крајот на оваа година и тие преговори да ги завршиме“, рече Мицкоски на промоцијата на новите 100 амбулантни возила што се одржа денеска на паркингот во близина на салата „Борис Трајковски“.
Цениме дека ова место, додаде тој, заедно со поврзувањето на постоечката „8 Септември“, Пет центарот и болницата, односно поликлиниката „Букурешт“, мислиме дека сето тоа ќе даде една убава симбиоза овде, еден убав центар.
Премиерот кажа дека со Општина Карпош се работи и на обезбедување нови паркинг места, бидејќи, како што кажа, кога сето ова ќе функционира и кога сето ова ќе биде изградено, ќе има многу метеж.
„Затоа планираме уште од сега како да го растеретиме и тој дел од предизвиците со коишто ќе се соочат жителите на овој дел на Градот Скопје. Така што се планира, се работи, ако направите добар план, тоа значи 90 посто добро завршена работа, ако планот не ви е добар, тогаш ни работата нема да ви биде добра. Затоа ние се трудиме планот да биде добар“, рече Мицкоски.
Текстот Мицкоски очекува до крајот на годинава да завршат преговорите за новиот Клинички центар кај „Борис Трајковски“ е превземен од МАКФАКС.





