Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека соработката меѓу Агенцијата за иновации (ИНОВА) и државните универзитети претставува важен чекор за развој на науката и економијата во земјата.
Тој истакна дека образованието е „најсилната инвестиција во иднината“ и нагласи дека поврзувањето на институциите, универзитетите и приватниот сектор е неопходно во услови на брзи глобални промени.
„Образованието не е трошок – тоа е најсилната инвестиција во иднината на државата“, рече Мицкоски, повикувајќи се и на мислата на Нелсон Мандела дека образованието е најмоќното средство за промена на светот.
Според него, иницијативата има за цел да поттикне иновации, претприемништво и развој на стартапи, како и да создаде поефикасен трансфер на знаење и технологии.
Потпишувањето на меморандумот за соработка, како што посочи, отвора простор за заеднички проекти и истражувања, како и за задржување на младите таленти во земјата.
Од Владата порачаа дека ќе продолжат со поддршка на иницијативи кои придонесуваат за економски развој, иновации и подобра институционална поврзаност.
Текстот Мицкоски: Партнерството меѓу ИНОВА и универзитетите е клуч за економија базирана на знаење е превземен од МАКФАКС.





