Сакам да упатам јасна порака до секој градоначалник, без разлика дали води голема урбана општина или мала рурална заедница: разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош таму каде што постојат предизвици или недостиг на капацитети. Ова не е слабост – ова е мудрост во управувањето, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на отворањето на настан по повод воспоставувањето на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините.
Тој информира дека проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура.
„Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати. Доброто владеење е повеќе од административна функционалност. Тоа значи институции што работат со интегритет, со координација, со отчетност – како на национално, така и на локално ниво. А токму во оваа рамка, децентрализацијата е еден од најважните столбови“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека иако изминатите две децении се вложени значајни напори за развој на децентрализацијата, резултатите сè уште не се на нивото кое граѓаните го заслужуваат.
„Особено во делот на квалитетните јавни услуги, управувањето со ресурсите, како и во создавањето услови за локален економски развој. Локалните власти се одговорни за многу клучни политики кои секојдневно го допираат животот на граѓаните – и токму затоа мора да бидат силни, стручни и ефикасни. Ресурсниот центар е нашиот заеднички одговор на овие реални предизвици. Владата, преку Министерството за локална самоуправа, создава механизам со кој општините добиваат стратешка поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и на рамномерниот регионален развој. Зајакнувањето на општините не е трошок – тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради“, рече Мицкоски.
Текстот Мицкоски со порака до градоначалниците: Разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, побарајте експертска помош е превземен од МАКФАКС.






