Мицкоски уверен дека Алта банка ќе се спаси, Филипче обвинува за лаги и манипулации

Мицкоски уверен дека Алта банка ќе се спаси, Филипче обвинува за лаги и манипулации

пред 54 минути

Премиерот Христијан Мицкоски е уверен дека процесот за спасување на Алта банка ќе заврши успешно, и покрај проблемите со кои се соочила банката. Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини дека манипулира со јавноста и дека нема кредибилитет, тврдејќи дека токму Мицкоски и гувернерот Трајко Славески ја донеле банката во Македонија.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Делчево, рече дека проблемот со банката бил увезен и поврзан со случувањата во соседна Србија. Тој посочи дека Народната банка навреме презела мерки и дека на 30 ноември е закажана јавна аукција за продажба на акциите.

„Уште на самиот почеток се соочивме со еден проблем којшто е увезен, односно е последица на случувањата кај нашиот северен сосед. Благодарение на навремените мерки коишто ги презема регулаторот, Народната банка, и процесите коишто потоа следеа, имаме закажана јавна аукција на 30-ти овој месец. Веќе имаме домашен правен субјект, финансиска институција, тоа е Комерцијална банка, којашто се пријави и веќе ценовно чувствителната информација е објавена на Македонската берза, којашто сака да ги откупи акциите од оваа банка и да стане сопственик. Така што, да почекаме процесот да заврши за да можеме да коментираме дополнително. Јас сум убеден дека овој процес ќе заврши успешно“, изјави Мицкоски.

Тој ги отфрли и обвинувањата на опозицијата, оценувајќи дека „сето она што како шпекулација и невистина го испраќаа во форма на порака изминатиот период, падна во вода“.

Филипче, пак, оцени дека економската политика на Мицкоски се сведува на лаги и манипулации. Тој го обвини премиерот дека се обидува одговорноста за случајот со Алта банка да ја префрли на СДСМ, иако, според него, токму Мицкоски и Трајко Славески ја донеле банката во Македонија.

„Човекот мислам дека веќе нема кредибилитет. По сите лаги изречени, по лажењето на надзорната расправа за Алта банка, кога ја обвини СДСМ дека ние сме ја донеле Алта банка. Не, тој и Трајко Славески ја донесоа, пералницата на пари на Вучиќ, тука кај нас. Ги загрозија капиталот и парите на граѓаните и на државните компании. Ете тоа направија“, рече Филипче.

Текстот Мицкоски уверен дека Алта банка ќе се спаси, Филипче обвинува за лаги и манипулации е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top