На седницата одржана на 3.12.2025 година, Собранието распиша јавен оглас за избор на три члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието да избере стручни, независни и непристрасни експерти како членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Комисијата, како независно тело за еднаквост, беше препознаена од страна на Европската комисија како тело коешто значително контрибуира во заштитата на човековите права и слободи. Телата за еднаквост се клучни во заштитата, промоцијата и унапредувањето на човековите права и слободи, и директно се поврзани со европската интеграција на земјата.
„По изгласување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, сведоци бевме на избор на членови на Комисијата коишто не ги исполнуваат условите предвидени во Законот и во објавениот оглас. Како што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2025 година, именувањето на членовите на Комисијата треба да биде врз основа на способности и во согласност со законските услови. Па така, во пресрет на изборот на нови три членови на Комисијата, апелираме и бараме Собранието да внимава на изборот на членовите на Комисијата, коишто ќе постапуваат во случаи кадешто најмаргинализираните наши сограѓани ќе се охрабрат да ја пријават дискриминацијата. Имајќи го тоа предвид, потсетуваме дека услови за избор се: да е државјанин на Република Северна Македонија, да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование и има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација, во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење професија, дејност или должност, и да не е носител на функција во политичка партија“, велат од Мрежата.
Истовремено, апелираат дека составот на Комисијата треба да има предвид соодветна застапеност, односно да вклучува лица со попреченост, жени и/или припадници на ЛГБТ популација.
Како и претходните избори за членови на Комисијата, Мрежата за заштита од дискриминација внимателно ќе го набљудува изборот и ќе учествува во јавното претставување на кандидатите, со цел да осигура дека лицата-кандидати го имаат потребното законско искуство за членство во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Текстот Мрежата за заштита од дискриминација повика на избор на стручни и независни лица во Комисијата е превземен од МАКФАКС.






