Муцунски: Нашата задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но таква предвидливост очекуваме и од земјите членки

Муцунски: Нашата задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но таква предвидливост очекуваме и од земјите членки

пред 3 часа

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на меѓународната конференција Budapest Balkans Forum 2026, која се одржува во Будимпешта, Унгарија, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања.

Министерот Муцунски се обрати на воведната дебата на високо ниво на тема „Централна Европа и Западниот Балкан во новата геополитичка ера“, заедно со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, и заменик-претседателот на Владата за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Во дискусијата, министерот Муцунски нагласи дека во услови на засилени безбедносни и геополитички предизвици владите мора брзо да се приспособуваат и да дејствуваат заеднички, бидејќи соработката е единствената реална опција.

„Државата го доби кандидатскиот статус за членство во Европската Унија заедно со Хрватска, која денес веќе е членка на Унијата, а во изминатите години направивме сериозни национални отстапки. Нашето општество е проевропско, Владата е фокусирана на европските реформи и на целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но очекуваме процесот на проширување да биде јасен, кредибилен и предвидлив“, истакна министерот Муцунски во рамки на панел-дискусијата.

Тој додаде дека државата е посветена на тоа да биде предвидлив партнер на Европската Унија, но дека истата таква предвидливост и кредибилност се очекуваат и од земјите членки.

„Нашата задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но таква предвидливост очекуваме и од земјите членки. Знаеме дека припаѓаме на Европа, но очекуваме таа предвидливост да биде целосно реципрочна.“, нагласи Муцунски.

Воедно ја нагласи и стратешката важност на Коридорите 8 и 10, како од безбедносна така и од трговска перспектива.

„Нашиот фокус во моментов е на два многу важни европски коридори кои се пресекуваат токму во нашата земја – Коридор 8 и Коридор 10. Тие се значајни и од политичко-безбедносен, но и од економски и трговски аспект. Во енергетиката, во процес сме на изградба на интерконектор со Грција, кој ќе ни овозможи пристап до LNG гасот што доаѓа од пристаништето Александруполис“, посочи министерот.

Муцунски го истакна и значењето на односите со Унгарија, со која државата има воспоставено стратешко партнерство.

„Тоа стратешко партнерство отвори многу можности за соработка меѓу двете држави. Има значајни инвестиции од двете страни, кои ние како влади ги олеснуваме, со цел проширување на пристапот до пазарот за унгарските компании кои доаѓаат во нашата земја, но и за македонските компании кои инвестираат или работат во Унгарија. Ја гледаме Унгарија како наш стратешки партнер и важен поддржувач на европскиот пат на регионот“, заклучи министерот Муцунски во своето обраќање.

Текстот Муцунски: Нашата задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но таква предвидливост очекуваме и од земјите членки е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top