Национален инвентар на јавни згради – точниот увид ќе донесе план за реконструкција, пониски трошоци и заштеди

Национален инвентар на јавни згради – точниот увид ќе донесе план за реконструкција, пониски трошоци и заштеди

пред 3 часа

Денес започна процесот за создавање на Национален инвентар на јавни згради – база на податоци што треба значајно да го подобри начинот на кој државата ги планира, инвестира и управува со јавните објекти.

Настанот во Свечената сала на Владата ги обедини претставниците на ресорните министерства, општините и јавните институции, кои го истакнаа значењето од систематско прибирање и анализа на податоци за големиот број јавни згради низ државата.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање ја нагласи реформската важност на процесот. Таа истакна дека Националниот инвентар ќе обезбеди целосна слика за енергетската ефикасност на јавниот сектор и ќе овозможи поумни политики, подобри инвестиции и одржлива енергетска иднина.

Директорот на GIZ за Северна Македонија, Давид Оберхубер, рече дека инвентарот е основа за привлекување инвестиции, бидејќи „инвеститорите финансираат она што е мерливо“. Тој додаде дека проектот ќе ѝ помогне на државата подобро да ги планира реновирањата и намалувањето на енергетската потрошувачка.

Во своето излагање, Даме Димитровски ја истакна еколошката и економската димензија на процесот, потсетувајќи дека јавните згради се меѓу најголемите потрошувачи на енергија и истовремено значителен извор на емисии. Модернизацијата, според него, ќе донесе почист воздух, поквалитетни услови за работа и поодржливи институции.

Националниот инвентар на јавни згради ќе овозможи систематска процена на енергетската состојба на секој објект, утврдување приоритети за реновирање, изработка на инвестиционо портфолио, поефикасно буџетско планирање и подобрени услуги за граѓаните.

Процесот е дел од проектот „Партнерство за енергетска ефикасност на згради“ (PEEB Cool), финансиран од Зелениот климатски фонд, Француската агенција за развој (AFD) и Германската влада преку GIZ.

Текстот Национален инвентар на јавни згради – точниот увид ќе донесе план за реконструкција, пониски трошоци и заштеди е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top