Најмногу пари за пакетчиња потрошил Град Скопје-10.000 евра, објави Центарот за граѓански комуникации

пред 2 години

За разлика од украсувањето на улиците кое главно беше откажано, продолжи практиката на институциите за купување новогодишни пакетчиња, анализира Центарот за граѓански комуникации. Од таму информираат дека за таа намена биле потрошени 72.000 евра, иако, како што напоменуваат, се очекува сумата да достигне и поголема вредност имајќи предвид дека некои институции сѐ уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена.

Тендери за купување пакетчиња за новата 2022 година имале 20 институции, додека други 37 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавните набавки бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра – колку што изнесува вредносниот праг под кој што не важи Законот за јавните набавки.

Најмногу пакетчиња, 3.274 купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена. Блиску е и Општина Прилеп со 3.030 пакетчиња.

Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1.377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, пак, потрошил Град Скопје – 10.000 евра.

Просечната цена која институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари.

На дури 68 % од тендерите за набавка на новогодишни пакетчиња била добиена само по една понуда. Меѓу фирмите од кои се набавувани новогодишните пакетчиња убедливо води Колид од Колешино од каде се купени една четвртина од пакетчињата, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Додаваат дека, вкупната вредност на парите потрошени за пакетчиња за Новата 2022 година е малку повисока од онаа што беше потрошена за ланската 2021 година.

Некои институции, според анализите на центарот, купиле по неколку видови пакетчиња, поевтини и поскапи. Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци спаѓаат и Општина Битола по цена од 1.050 денари, Град Скопје по цена од 973 денари, М-НАВ по 853 денари и Министерството за одбрана по цена од 840 денари. Просечната цена што институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари.

„Сепак, поединечните цени и количините на купените новогодишни пакетчиња се познати само за оние институции кои имале тендер за оваа намена, но не и за останатите 37 кои купиле пакетчиња за пониска вкупна вредност од законскиот лимит за спроведување на тендер. Основа за пресметка на трошењата на институциите за новогодишни пакетчиња се податоците од вредноста на склучените договори за јавни набавки објавени на Електронскиот систем за јавни набавки. Нема податоци дали институциите ги купиле сите договорени количини на пакетчиња. Во истражувањето се вклучени сите договорни органи во Република Северна Македонија кои имале ваков вид на набавка во 2021 година“, се додава во информацијата од Центарот за граѓански комуникации.

Share
Scroll to Top