Вработените во Македонска пошта од целата држава денес излегоа на протест преку кој побараа да им се исплати платата која им доцни повеќе од 45 дена. Ќе продолжат да протестираат се додека не им биде исплатена платата, па оние кои сакаат да земат пратки од Пошта или бараат друга услуга, нема да ја добијат. Вкупно 1700 вработени и околу 300 поштари со договор на дело се уште ја чекаат декемвриската плата за чија исплата законскиот рок е 15 во месецот.
Во оваа компанија 60% од вработените работат за минималец, и тој минималец не можеме да го земеме., вели претседателот Синдикатот, Сашо Димитриевски
„Ова ни се случува веќе неколку месеци, ова е трет или четврт месец како ни доцни платата, но овој месец го проби дното бидејќи денес сме веќе 23. Вработените се крајно револтирани затоа што и покрај тоа што во оваа компанија 60% од вработените работат за минималец, и тој минималец не можеме да го земеме. Овој протест ќе трае се додека не се создадат условите за добивање плата“, рече претседателот на синдикалната организација на Македонска пошта, Сашо Димитриевски.
Тој нагласи дека нема да дозволат и следниот месец да им доцни исплатата на платите и уште следната недела ќе преземат активности и ќе го известат Управниот одбор дека следниот месец ќе излезат на протест уште на 15 или 16 ако не добијат плата. Не ја исклучуваат и можноста за поригорозни чекори и штрајк.
„Овој проблем во Македонска пошта не е од сега, се влече веќе петнаесетина години, живееме на шкрги. Проблемот е тоа што дефинитивно имаме лоша организација во поштата. Во последно време се прават некои напори, со Управниот одбор правиме некоја систематизација, сакаме да ги решиме тие проблеми, но малку споро оди тоа. Погрешни луѓе има на вистинските места на кои треба да работат“, вели претседателот на Синдикатот Димитриевски.
Денешниот протест е поддржан од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов кажа дека 2000 семејства се оставени без пари во најдолгиот месец од годината.
„Додека ние се подготвуваме да протестираме за зголемување плата овие луѓе протестираат за исплата на ниската плата. Срамота е да ги оставите без плата, а да изигрувате шерифи по пошта, да првите притисоци врз луѓето, да ги напаѓате, да се обидувате да ги спречите да протестираат. Нема да отстапиме од барањето за исплата на плати и нема да отстапиме од барањето да им се зголемат платите, а да добијат луѓето и опрема за работа. Како што можете да видите сите од дома дошле кој како можел да се облече. Сметам дека вината треба да биде фрлена на раководството, а раководството може да си побара од основачот веднаш да интервенира и веднаш да биде исплатена платата, во текот на денешниот ден. Во спротивно колегите нема да продолжат со работа“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој најави дека вработените ќе бидат пред Поштите и нема да ги вршат задачите кои им ги даваат „газдите“ без да ги платат.
Текстот Нема подигање пратки од Пошта, вработените протестираат за плата: ги минаа празниците и најдолгиот месец во годината без пари е превземен од МАКФАКС.





