Обвинителството испитува одговорност за големиот пожар во Трубарево, утре увид на терен

Обвинителството испитува одговорност за големиот пожар во Трубарево, утре увид на терен

пред 7 часа

Утре, ќе почне увидот на самото место за причините за големиот пожар во Трубарево. Увидните екипи ќе работат под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

Од Обвинителството информираат дека по негова наредба, екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на терен за да приберат докази во постапката за загрозување на животната средина со отпад.

Во меѓувреме се врши обезбедување и анализа на документацијата, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за уште 48 часа за четворицата опфатени во постапката. Притворени се 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно, се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.

Пожарот избувна на 13 септември, во саботата, околу 13.30 часот, во складиштен објект за рециклирање електронски отпад во Трубарево. Објектот припаѓа на компанијата „Ф-групација“, која се занимава со електронски и со електричен отпад, вклучувајќи и литиум-јонски батерии. Пожарникарите интервенираа со голем капацитет, користеа хемиска пена, песок и земја за затрупување на деловите на кои имаше горење, особено кај деловите со батерии.

Беше забележан густ црн чад, кој се шири и врз околните објекти. Четири лица беа здравствено згрижени, од кои една жителка на Трубарево задржана во Клиничкиот центар поради вдишување чад.

Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата „Ф-групација“ во Трубарево покажале зголемување на сите параметри за два до трипати од дозволеното, а вредноста на јаглеродниот моноксид, која во просек не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, вчера најави дека в петок ќе се знае какви тешки метали има во воздухот во Скопје.

„Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво на квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, рече Гиновска.

Според мерењата на Институтот за јавно здравје, не е регистрирана радијација во воздухот, водата и почвата.

Текстот Обвинителството испитува одговорност за големиот пожар во Трубарево, утре увид на терен е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top