Обвинителството отвори истрага за уште кривични дела во предметот за набавка на софтвер

пред 4 години

Постапувајќи во предметот против четири лица за набавка на софтвер и работи за потребите на софтверот, од прибраниот доказен материјал произлезе дека тројца од веќе осомничените лица сториле уште две кривични дела, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Поради тоа, надлежен јавен обвинител од ова Обвинителство донел наредба за спроведување на нова истражна постапка против три лица.

„Првоосомничениот се товари дека во периодот од 2017-2019 година, при спроведување на постапка за јавна набавка, потпомогнат од останатите двајца осомничени ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, првоосомничениот со умисла помогнат од второосомничениот во периодот од 2019 – 2021 година за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ, со што двајцата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од Кривичниот законик“, информираат од Обвинителството.

Имено, во периодот од 2017-2019 година, првоосомничениот, како службено лице при спроведување на постапка за јавна набавка, со умисла извршил две временски поврзани дејствија со помош на останатите двајца осомничени.

„Со преземените дејствија спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, прибавиле корист за економски оператор – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор за истата на износ од 6.455.816 денари со вклучен 18% ДДВ. Воедно, без да се испочитуваат одредбите од Законот за јавни набавки, во втората половина на 2017 година, без спроведена постапка за јавна набавка, првоосомничениот извршил плаќање по разни основи на правно лице сопственост на третоосомничениот во вкупен износ од 168.100 денари или 2.720 евра. Со дејствијата е нанесена штета на државниот буџет во вкупен износ од 6.623.916 денари“, се наведува во соопштението.

Во временскиот период од месец мај 2019 година до месец февруари 2021 година, првоосомничениот го искористил службеното овластување и со умисла помогнат од второосомничениот склучиле два авторски договори за кои на месечно ниво на второосомничениот му бил исплаќан нето износ од 80.000,00 денари. Согласно претходен договор меѓу двајцата осомничени, паричните средства биле делени во сооднос 5:3 во корист на второосомничениот, со што првоосомничениот за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ од вкупно 590.000,00 денари.

Заедно со Наредбата, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје, достави и Предлог за продолжување на претходно определените мерки спрема осомничените.​

Share
Scroll to Top