Од денеска, 15 ноември, за влез во објекти ќе биде потребен сертификат – потврда за вакцинација од Ковид-19, односно примени две дози на вакцина против заразната болест или сертификат односно потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, соопшти Министерството за здравство.
Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат мерките и да бидат одговорни, а оние кои сѐ уште не се вакцинирани што побрзо да го направат тоа.
Од Комисијата за здравство во петокот соопштија дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки, бидејќи сегашните, како носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, како што велат од таму, засега се доволни во борбата против заразната болест.
Според вчерашните податоци, со регистрираните 285 нови случаи на Ковид-19, од почетокот на пандемијата, во земјава се дијагностицирани вкупно 209.277 заболени.