Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше телефонски разговор со министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ине Ериксен Сореиде.
„ Благодарни сме за континуираната билатерална поддршка која Норвешка ја дава во насока на унапредување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија, рефлектирано преку поддршка на административните и легислативните капацитети потребни за процесот на преговори со Европската Унија. Норвешка се вбројува во земјите најголеми донатори на билатерална помош, што е исклучително значајно во трансформацијата на нашата земја во демократско општество“, истакна Османи.
За време на разговорот беше отворена темата и за силната посветеност на македонската Влада за спроведување на реформската агенда, неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата. Воедно беше потенцирана блиската мултилатерална соработка и заедничкото учество, на двете земји во рамки на мировните мисии. Во таа насока од страна на Османи беше упатена честитки за изборот на Норвешка за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, што е одлична можност за јакнење на нејзиниот придонес кон мултилатерализмот.
„ Денес, Република Северна Македонија е земја-членка на НАТО и ЕУ перспективи при што значајно придонесува во стабилноста и безбедноста во регионот“, нагласи Османи.
Министерката Сореиде за време на разговорот упати честитки и за идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 год, и заложбите на нашата земја за човековите права, демократијата и владеење на правото.
Двајцата соговорници разменија мислења, предлози и сугестии за искористување на потенцијалите за економска соработка и покрај географската оддалеченост. Истовремено беа разменети информации за состојбата со здравствената криза и социо-економските последици од пандемијата, регионалните и меѓународни случувања.