Претседателот Стево Пендаровски, за време на посетата на САД по повод неговото учество на Генералното собрание на Обединетите нации, во Њујорк оствари средба со Наталиа Канем, извршен директор на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
На средбата се разговараше за актуелната соработка меѓу нашата земја и УНФПА во однос на креирање на политики за населението и преземање на активности со цел подобрување на пристапот до услугите од областа на репродуктивното здравје и во насока на спречување и одговор на родово базираното насилство.
Претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава е посветена на креирање на законски и стратешки иницијативи во насока на подобрување на можностите за вработување на жените, пристапот до високо квалитетни здравствени услуги на национално и локално ниво, како и креирање на родово одговорни политики и буџети. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ги издвои ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство донесен годинава.
Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашната соработка на УНФПА и Северна Македонија во овој тежок период на пандемија бидејќи видливите резултати придонесуваат кон решавање на повеќе значајни прашања, поврзани со унапредувањето на правата и услугите за населението.