Петрушевски: Молкот на Филипче за бугарскиот дипломатски скандал е политички избор

Петрушевски: Молкот на Филипче за бугарскиот дипломатски скандал е политички избор

пред 5 часа

Mолкот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по објавувањето на документ од страна на Бугарија што содржи чувствителни информации поврзани со безбедноста на премиерот Христијан Мицкоски и неговото семејство, претставува политички избор, а не случајност, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

На прес-конференција, Петрушевски рече дека по, како што наведе, дипломатскиот преседан од страна на Бугарија, македонската јавност очекувала јасна осуда и извинување од официјална Софија.

„Наместо тоа, добивме извртување на темата и бегање од одговорност“, изјави Петрушевски.

Тој додаде дека, според него, Венко Филипче не упатил ниту еден збор на осуда за објавувањето на дипломатската нота.

„Од друга страна пак, од специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче, не слушнавме ниту еден збор осуда за објавувањето на оваа дипломатска нота, која е скандалозна по секоја основа. За Филипче ова очигледно не е тема што заслужува реакција“, рече Петрушевски.

Според него, молкот на Филипче е негов политички избор.

„Исто како што никогаш не реагира кога од Бугарија се негираат македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата, така и сега избра да премолчи дипломатски скандал без преседан“, изјави Петрушевски.

Тој оцени дека со таквиот однос Филипче испраќа порака дека за него е поважно да не ги наруши односите со своите политички истомисленици во Бугарија отколку да застане во одбрана на македонските државни интереси.

Текстот Петрушевски: Молкот на Филипче за бугарскиот дипломатски скандал е политички избор е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top