По трагичниот настан: институциите ќе менуваат закони за подобра заштита на жртвите на семејно насилство

По трагичниот настан: институциите ќе менуваат закони за подобра заштита на жртвите на семејно насилство

пред 5 часа

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство одржа итна седница во проширен состав, соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Со седницата претседаваше заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, а присуствуваа и министерот за внатрешни работи Тошковски, заменик-министерот за правда Деребан, како и претставници на Јавното обвинителство, Основниот суд, експерти од областа, граѓански организации и претставници од надлежните институции.

Итната седница беше свикана по последниот трагичен настан во кој згаснаа два животи, со цел преземање конкретни мерки и активности од страна на сите надлежни институции за спречување на насилството, подобрување на заштитата на жртвите и гонење на сторителите.

На состанокот биле разгледани и заклучоците од тркалезната маса организирана од Министерството за внатрешни работи, на која учествувале претставници на институции, граѓански организации и академската заедница кои работат во областа на семејното насилство. На тој настан биле предложени препораки и активности насочени кон зајакнување на системот за спречување на насилството и подобра заштита на жртвите.

На седницата бил донесен заклучок за формирање работна група која ќе подготви итни измени и дополнувања на повеќе закони, со цел унапредување на институционалната координација и зајакнување на системот за заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство.

Работната група ќе биде составена од претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, невладини организации, надлежни судови, Јавното обвинителство, академската заедница и Собранието, согласно Деловникот за работа на Националното координативно тело.

Предвидено е да се подготват измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои: Законот за полициски овластувања, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Законот за социјалната заштита, Законот за правда на децата, Законот за бесплатна правна помош, Законот за кривична, Законот за парнична постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.

Предлог-измените треба да бидат доставени до Националното координативно тело во најкраток можен рок.

Дополнително, на седницата бил донесен заклучок да се предложат конкретни мерки и активности за подобрување на системот за заштита на жените жртви на насилство, кои ќе бидат дел од Стратегијата и Акцискиот план за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Текстот По трагичниот настан: институциите ќе менуваат закони за подобра заштита на жртвите на семејно насилство е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top