Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид остварил тет-а-тет средба со премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, на која разговарале за можностите за натамошно унапредување на билатералните односи и заедничките развојни проекти.
Како што објави Мицкоски на Фејсбук, во отворен и конструктивен разговор размениле мислења за актуелните регионални предизвици, економските односи, инфраструктурното поврзување и заедничките иницијативи што треба да придонесат за поголем развој и просперитет на двете држави.
„Ја потврдивме заедничката определба за натамошно унапредување на пријателските односи, засновани на меѓусебна почит, добрососедска соработка и заеднички интерес за стабилен и просперитетен регион“, напиша Мицкоски.
Според соопштението на Владата на Србија, српскиот премиер Ѓуро Мацут по средбата изјавил дека Србија останува силно посветена на понатамошното јакнење на добрососедските односи и соработката со Северна Македонија, оценувајќи дека двете земји имаат значителен потенцијал за реализација на заеднички развојни проекти.
Тој посочил дека со Мицкоски разговарале за теми од стратешко значење за двете држави и регионот, со акцент на унапредување на сообраќајната и енергетската поврзаност, развојот на инфраструктурата, јакнењето на економската и земјоделската соработка, како и создавање подобри услови за поголема трговска размена и побрз проток на луѓе, стоки и услуги.
Мацут го истакнал и значењето на модернизацијата на железничкиот коридор што ќе ги поврзе Србија, Северна Македонија и Грција, оценувајќи дека неговата реализација ќе овозможи побрз и поефикасен транспорт на патници и стока, ќе ја зголеми конкурентноста на економиите и дополнително ќе го зајакне регионалното поврзување.
Текстот Премиерите на Македонија и Србија разговарале за економијата, инфраструктурата и железничкото поврзување со Грција е превземен од МАКФАКС.





