СДСМ повика на оставка од Тошковски и екстрадиција на Михаилова: Да се утврди кој го овозможил нејзиното заминување

СДСМ повика на оставка од Тошковски и екстрадиција на Михаилова: Да се утврди кој го овозможил нејзиното заминување

пред 5 часа

СДСМ обвинува дека заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија, и покрај судските мерки, било однапред договорено и бара политичка и институционална одговорност. Од партијата побараа итна оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и покренување постапка за екстрадиција на Михаилова.

На денешната прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, го поврза заминувањето на Михаилова со неодамнешната посета на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Софија, тврдејќи дека токму тоа било договорено на средбата со неговата бугарска колешка.

„За нас, но и за сите граѓани, јасно е дека пуштањето на Ива Михаилова е договорена работа, или, да го цитирам Муцунски, дека тоа е договорено ‘под радарот’. Народот сега виде што всушност договорил Муцунски во Софија и за што била средбата со неговата колешка од Бугарија“, изјави Жерновски.
Тој ги оспори претходните уверувања на Муцунски дека извршната власт не се мешала во судската постапка и дека македонскиот здравствен систем можел да обезбеди соодветна медицинска нега за Михаилова.



Жерновски посочи дека Михаилова самата изјавила оти ја преминала границата легално, со лична карта и со знаење на службениците, иако судот ѝ ги одзел македонскиот и бугарскиот пасош. Истовремено, се повика на информациите од МВР дека нема евидентиран излез од државата, оценувајќи дека ваквите околности отвораат сериозни прашања за постапувањето на институциите.

„Овој скандал бара итно институционално расчистување, но и политичка одговорност. Синџирот на постапување и синџирот на одговорност мора да излезат на виделина. Панче Тошковски мора веднаш да си поднесе оставка, затоа што целата граница на нашата држава е под негова надлежност“, рече Жерновски.

Од СДСМ сметаат дека дипломатските разговори и најавите за потерници не се доволни и бараат надлежните институции веднаш да ги преземат потребните законски чекори за екстрадиција на Михаилова, која е осомничена во случај за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Жерновски побара да се утврди дали некој од надлежните давал незаконски наредби или инструкции и дали било овозможено нејзиното заминување спротивно на судските мерки.

„Михаилова мора да биде достапна за судската постапка, а институциите мора да постапат и да го обезбедат тоа“, порача Жерновски, додавајќи дека партијата ќе инсистира на одговорност за секој за кого ќе се утврди дека учествувал во евентуално незаконско постапување.

Текстот СДСМ повика на оставка од Тошковски и екстрадиција на Михаилова: Да се утврди кој го овозможил нејзиното заминување е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top