СДСМ поднесе интерпелација за Трипуновски, обвинува за корупција и колапс во земјоделството

СДСМ поднесе интерпелација за Трипуновски, обвинува за корупција и колапс во земјоделството

пред 12 часа

Пратеникот од Социјалдемократски сојуз на Македонија, Љупчо Николовски, соопшти дека пратеничката група поднела интерпелација за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, поради, како што рече, „корупција, скандали и штетни политики“.

Николовски изјави дека „веќе две години земјоделците се жртви на неспособните и криминални политики на Министерството“, додавајќи дека наместо развојни мерки и зголемени субвенции, „Трипуновски го доведе земјоделството до колапс“.

Тој посочи дека се укинати или суспендирани бројни програми и мерки, а Министерството, според него, било претворено „во приватна фирма за партиски интереси“.

„Затоа пратеничката група на СДСМ поднесе интерпелација, да се изнесат сите факти и аргументи и да направиме сè овој министер да си замине“, рече Николовски.

Како главни причини за интерпелацијата ги наведе, како што рече, „сериозни и континуирани случаи на системска корупција, злоупотреба на службената положба и кршење на законите“.

Тој додаде дека блиски соработници на министерот, директори на институции во ресорот, биле фатени со мито од 50.000 и 100.000 евра, оценувајќи дека тоа е „јасен доказ за воспоставен систем на корупција“.

Николовски се осврна и на, како што рече, „мега-коруптивен скандал“ со европските фондови, при што, според него, 128 милиони евра од ИПАРД се суспендирани, а земјоделците немаат пристап до тие средства.

Тој наведе дека субвенциите се намалени, програмите за поддршка се укинати, а буџетот за земјоделство бил кратен, додека лимитот на субвенции за големи компании е зголемен.

„Резултатот е катастрофален. Земјоделците се оставени сами, а цените се под производствените трошоци“, изјави Николовски.

Од СДСМ најавија дека ќе бараат политичка, а потоа и кривична одговорност.

„Време е за одговорност и за правда“, порача Николовски.

Текстот СДСМ поднесе интерпелација за Трипуновски, обвинува за корупција и колапс во земјоделството е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top