Семејствата на загинатите во „Пулс“ со порака: Правдата што доцни не е правда

Семејствата на загинатите во „Пулс“ со порака: Правдата што доцни не е правда

пред 2 часа

„Правдата што доцни не е правда“ – ова беше пораката што денеска повторно одекна во Кочани, од блиските на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, на 36. по ред „Марш за ангелите“. Со маршот, семејствата уште еднаш ги потсетија институциите дека трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, не смее да заврши во тишина, одолговлекување и заборав.

Маршот се одвиваше по веќе воспоставената рута, од „Паркот на револуцијата“ до зградите на Основното јавно обвинителство Кочани и Судот, каде што родителите јавно ги поставија своите прашања и упатија директни пораки до надлежните. Тие изразија поддршка и за лицата против кои е поднесена тужба од страна на синот на сопственикот на „Пулс“, поради демолирањето на кафулето „Класик“ во трговскиот центар во Кочани, ден по трагичниот пожар, при што се бара отштета од 1,2 милиони денари.

Семејствата повторно потсетија дека сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, и неговиот син Михајло Јованов се меѓу првообвинетите во предметот за пожарот, за кој судската постапка е во тек. Во таа насока, тие побараа одговор и за тоа до каде е истрагата против полициските службеници кои биле присутни во објектот кобната вечер. Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, пред поднесувањето на оставката, најавуваше дека одлука за истрагата против околу триесетина полициски службеници ќе има до средината на декември минатата година, но и по повеќе од еден месец од тој рок, јавноста сè уште нема одговор.

„Доста е. Предолго Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја влече постапката што почна на 12 јуни 2025 година. Со месеци слушаме дека е во завршна фаза, а одлука нема. Во трагедија од вакви размери, секое доцнење е неправда. Бараме рок, одлука и одговорност. Нема да дозволиме овој случај да стане уште една затурена папка. Ќе бидеме тука додека правдата конечно не биде испорачана“, изјави Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова.

Дополнително, семејствата поставија и прашање како е можно лице поврзано со трагедијата, кое се споменува како осомничено или е дел од постапка, да може слободно да отуѓува имот без судска забрана и без јасна контрола на потеклото на средствата. „Ова не е лична прозивка, туку прашање за еднаквост пред законот“, порача блиска на една од жртвите.

На почетокот на маршот, со едноминутен молк беше оддадена почит и на Фросина Кулакова, млада дизајнерка која пред една година го загуби животот на пешачки премин во Скопје. Родителите нагласија дека „Маршот за ангелите“ е борба за правда за сите млади животи изгубени поради системски пропусти, неодговорност и незаконско работење.

Текстот Семејствата на загинатите во „Пулс“ со порака: Правдата што доцни не е правда е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top