Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во изградбата на новото општинско основно училиште во населба Илинден. Според информациите, училишната зграда треба да биде завршена до крајот на годината, а првите ученици да ги прими на почетокот од второто полугодие од тековната учебна година.
![]()
Новото основно училиште ќе биде со површина од 2.400 м2, со оптимален капацитет од 450 ученици во една смена, ќе располага со 15 училници, 8 кабинети за наставници и сала за состаноци, опремени со ИТ технологијата и дидактички материјали коишто ќе придонесат за имплементирање на модерен образовен систем на учење и нов квалитет на основното образование. Дополнително со изградба на училиштето ќе се овозможи и воведување на целодневна настава за учениците.
![]()
Училиштето ќе биде високо енергетско-ефикасен објект, со иновативен пристап и воведени нови технологии и еколошки материјали, со греење и ладење со алтернативни извори на енергија.
Изградбата на новото основно училиште ќе чини 1,5 милиони евра. Реализацијата на овој проект има за цел подобрување на условите во образовнието, како и обезбедување на квалитетна образовна инфраструктура со просторни услови за одвивање на современа наставна програма.



