Синдикатите побараа државната помош да се исплаќа директно на сметките на работниците, за да нема злоупотреби

пред 4 години

Државната помош да се исплаќа директно на сметките на работниците за да нема злоупотреби од газдите, покачување на платите, како и итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата се дел од барањата на сидикатите и здруженијата кои повикаа на заедничка борба за работничките права.

Преку првомајски проглас, синдикатите посочија дека на глобално ниво, 100 милиони луѓе западнаа во тешка сиромаштија, а сите работници заедно изгубија околу 3.700 милијарди долари, односно 8.4 проценти од нивниот доход, исто онолку за колку што се зголеми богатството на светските милијардери.

За состојбата во Македонија, наведуваат дека десетици илјади лица останаа без работа за време на кризата, додека богатите го дуплираа својот капитал, заштитени од мерките што државата ги донесе за да им помогне на фирмите.

Во прогласот се додава дека минималната плата е зголемена за само 200 денари, а дел од фирмите кои добија 800 милиони евра за справување со кризата, ја злоупотребија оваа државна финсиска помош оставајќи ги вработените без плати. Потсетуваат дека 17.000 работници не ја добија заработената плата за три месеци поради тоа што пратениците сметаа дека „работниците можат да истраат уште еден месец без плати“.

Според податоците на Агенцијата за вработување, 43.086 лица останале без работа по започнувањето на кризата во март 2020 година. Најновото истражување на Здружението за истражување и анализи покажува дека во 2020 година вкупно 6783 текстилни работнички и работници останале невработени.

Синдикатите бараат:

  • Итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата и ќе ги штити нивните права и интереси.
  • Покачување на минималната плата, имајќи предвид дека потрошувачката кошница постојано се зголемува, односно, трошоците за задоволување на основните егзистенцијални потреби како исхрана, облека и средства за заштита од вирусот постојано растат.
  • Измени и дополнување на Правилникот за професионални болести со цел болеста предизвикана од Ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа“ за сите работници и соодветно на тоа, надоместокот на плата ќе се исплаќа во висина од 100% од основицата, додека трае спреченоста за работа.
  • Правилникот за професионални болести да се измени и во однос на изолираноста заради спречување на зараза, со што висината на надоместокот на платата за привремена спреченост од работа да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издал решение за самоизолација заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19. По контакт со заболено лице од коронавирусот, отсуството пред работодавачите може да се оправда со решение и истото се доставува до работодавачот за регулирање на привремена спреченост од работа.
  • Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава. Периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на работникот.
  • Забрана за доделување финансиска поддршка на фирми што ја злоупотребиле државната помош и не им исплаќале плати на работниците или пак, им исплаќале плата под минималната.
  • Државната финансиска помош да се исплаќа директно на сметките на работничките и работниците, затоа што само на овој начин може да се избегнат грубите злоупотреби, а работниците навремено ќе ја добиваат заработената плата.
  • Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници, како што се хонорарците, фриленсерите и други, кои се најнесигурната категорија и немаат никакво социјално и здравствено осигурување. Оваа категорија работници да биде опфатена со економските мерки за државна финансиска помош.
  • Мораториум на наплата на ратите кон банките и долгови кон извршители за времетраењето на кризата. Дополнително, да се забрани пресметување камати од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите за истиот период, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
  • Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) брзо и ефикасно да реагираат за да се спречат злоупотребите и грубото кршење на работничките права. Државните служби да ја користат можноста да иницираат постапки по службена должност кај работодавачите за кои има сознанија дека постапуваат спротивно на закон. Дополнително, државните служби да ја користат можноста за повикување на кривична одговорност на работодавачите.
  • Задолжително консултирање со синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и што се залагаат за работниците и за работничките права при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

Потписници на прогласот се Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ); Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС);  Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ); Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ); Независен академски синдикат (НАкС); Левичарско движење „Солидарност“; Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“; Хелсиншки комитет за човекови права.

Share
Scroll to Top