Синдикатот на културата разочаран од Љутков: вработените останаа без плата за најголемиот христијански празник

Синдикатот на културата разочаран од Љутков: вработените останаа без плата за најголемиот христијански празник

пред 2 дена

Секој март од 2021 па наваму, кога се коригира минималната плата и кога платите во културата треба да се усогласат со минималната плата според колективниот договор за култура, и оваа година, вработените во културата се соочија со проблеми. Овој пат и без плата, реагираат од Синдикатот на културата.

Како што велат, за државата и институциите или е спорно усогласувањето со минималната плата, според КД за култура, или се спорни 10% според општиот колективен договор дадени пред 2 години на цел јавен сектор без исклучок.

„Иако и двете права законски им следуваат на вработените во културата, беа пуштани спинови дека културните работници не ја заслужуваат платата што ја земаат, дека не работат ништо, се манипулираше со висините на платите во културата и сл.

Цел март и почетокот на април наративот насочуван кон вработените во културата беше дека платата која ја земаме е незаконска, потоа неуставна, дека КД за култура е истечен, дека е штетен, дека вработените треба сами да се откажат од своите права.

Следеа и стандардните игри со пресметките за плата, кои институциите ги направија според законите и колективните договори, но кои не беа прифаќани од МК и беа враќани назад.

Следејќи го развојот на настаните и опасноста вработените во културата да останат без она што законски им следува, СКРМ најави протест за 11 април. Веднаш по најавата, на 10 април стигна известување од Министерството за култура дека платите ќе се прават според законите и колективните договори, и пресметките на институциите беа прифатени.

Поради тоа, во духот на социјален дијалог СКРМ го откажа, односно го „замрзна“ најавениот протест на неопределено време“, истакнуваат од Синдикатот.

Како што нагчасуваат, според КД за култура платата требало да се исплати до 10-ти во месецот, а според законите во Република Македонија до 15-ти.

Вчера, додават, беше 17-ти и последен работен ден пред продолжениот викенд во очи на најголемиот христијански празник Велигден, а плата за сите културни работници немаше.

Реагираат дека нема никакво официјално образложение зошто е тоа така.

Само бледи, како што велат, нелогични, неповрзани и конфузни изјави на министерот за култура по различни медиуми. Според овој исход, како и според одлуките донесени на состанокот на Советот на СКРМ на 8 април, СКРМ најавува протестен Совет во проширен состав на 22 април 2025, вторник, во 12 часот пред Министерството за култура.

„Понатаму СКРМ ќе го реализира следново:

– Доколку се случи неоснована преправка на платите, СКРМ ќе поднесе кривични пријави до директорите за непочитување на колективните договори и законите, иако во конкретноиот случај се најмалку виновни, но се најмногу одговорни;

– Членството на СКРМ ќе поднесе индивидуални тужби до институциите за неисплата на платите согласно Колективните договори;

– Членството на СКРМ ќе поднесе индивидуални тужби до институциите за парично побарување за задоцнето исплаќање на платите за изминатите 3 години, кое според Колективниот договор за култура е 10-ти во месецот;

– СКРМ ќе ги информира странските амбасади и претставништва, особено на Европската унија и на САД, за кршење на загарантираните уставни и работнички права во Република Македонија;

– СКРМ уште веднаш ќе се обрати до сродните синдикати од Европа и САД и ќе побара нивно инволвирање во процесите на кршење на правата на вработените во културата.

За понатамошните чекори СКРМ дополнително ќе одлучува во зависност од ситуациите и транспарентно ќе ги објави“.

Од целата ситуација, велат дека членството на СКРМ најмногу е разочарано од својот поранешен член Зоран Љутков, кој од позиција на член активно ја поддржувал политиката на СКРМ за почитување на Колективните договори, но кој од позиција на министер станал вистинскиот трагичар во културата.

Според нив, неговиот мандат ќе биде запаметен како сузбивач на правата на вработените во културата. „Нека му служи на чест“.

Текстот Синдикатот на културата разочаран од Љутков: вработените останаа без плата за најголемиот христијански празник е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top